Во 1990 година локалниот политичар Волхард Молкентин очајно барал некој од неговата Христијанско-демократска унија (CDU) кој би влегол во изборната трка во балтичката изборна единици на првите избори во штотуку обединетата Германија, а тогаш некој му дошепнал – Меркел.
Тогаш потполно непознатата Ангела Меркел го освои мандатот во изборната единици 267, која го вклучува балтичкиот крајбрежен град Штралзунд и остовот Риген. А тоа беше почетокот на нејзиниот пат кон должноста сојузна канцеларка.
Меркел по 16 година управување со најголемата европска економија „суштински не се промени“, вели за AFP Молкентин, седејќи на масата каде некогаш ја пречекувал со кафе и колачи.
„Беше многу едноставна, стабилна и личност во која се има доверба, што сѐ уште и е“, вели денес 80-годишниот Молкентин.
Меркел во вторникот последен пат се врати во својата изборна единица заедно со кандидатот на нејзината CDU за канцеларската должност, Армин Лашет, кој заостанува во анкетите и потребна му е поддршка на неколку дена пред изборите.
Во придружба на сѐ уште извонредно популарната канцеларка беше и Георг Гинтер, локален влијателен член на CDU, кој се надева дека ќе ја замени во изборната единица. Гинтер е само три години повозрасен отколку што беше Меркел во 1990-та кога првпат влезе во Бундестагот. Во истата изборна единици подоцна победи уште седум пати.
Покрај штандот на кој активистите на CDU ги подготвуваа традиционалните колбаси, Гинтер изјави дека е горд зашто се натпреварува во истата изборна единица како некогаш и Меркел. „Тоа е добро наследство“, рече.
Иако неговата политичка менторка му дала неколку совети, Гинтер има намера да крои сопствен политички пат. „Важно е да се остане малку независен“, порачува.
Како ја дожувуваат Меркел во Штралзунд?
Меркел изминатите повеќе од деценија ипол како канцеларка имаше малку време да наврати во Штралзунд и да се сретне со луѓето кои ѝ помогнаа во политичката кариера. Молкентин пред овој последен пат ја примил во својот дом во Грамендорф ланскиот декември. Секоја година до 2020-та ѝ ја носеше традиционалната божикна гуска, а таа го канеше на положувањето на свечените обврски, но и на приемот на Џорџ В. Буш во 2006 година.
Молкентин сега се присетува дека, кога му ја предложиле за кандидатка, одговорил „Кој е Меркел?“. Но откако се запознал со тогаш младата политичарка на состанок со активистите, бил уверен дека таа е добар избор.
„Помислив дека со неа ќе успееме да постигнеме нешто“, вели Молкентин и се потсетува дека тогаш Меркел освоила мандат во Бундестагот со 48,5 отсто од гласовите.
Ханс-Јоахим Бул, поранешен рибар кој живее на најголемиот германски остров Риген, познат по песочните плажи, не ја заборавил својата прва средба со Меркел кога имала 36 години. Се присетува дека идната канцеларка внимателно го слушала додека ѝ забележувал поради европските квоти за риболов.
„Никогаш не вети дека ќе биде подобро. Меѓутоа, ни кажа ‘Вашите проблеми ќе ги ставам на масата’, се присетува овој сега 64-годишник.
Трошната рибарска колина во којашто Бул разговарал со Меркел повеќе не постои, но останала фотографијата на идната секретарка со вцрвенети образи.
„Испи со нас четири или пет ракии“, се шегува Бул.