Основното јавно обвинителство – Скопје отвори истражна постапка против лекарот – гинеколог кој во периодот од септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка, врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.
Осомничениот, иако знаел дека оштетената не е бремена, врз неа вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање. Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката осомничениот најпрвин на сопругот на оштетената, а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.
Согласно Наредбата за спроведување на истрага, обвинетиот се товари дека како специјалист по гинекологија и акушерство, при укажување на лекарска помош несовесно постапувал и со тоа предизвикал тешко нарушување на здравјето на оштетената пациентка, поради што постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето предвидено во член 217 од Кривичниот законик, за кое кривично дело е предвидена затворска казна од една до десет години.
Обвинителството ценејќи го начинот на извршување на кривичното дело, природата на кривичното дело, конкретните дејствија што осомничениот ги има преземено, временскиот период на извршување, како околностите што укажуваат на умислата за извршување на истите, а притоа ценејќи дека осомничениот кривичното дело го прави како лекар – специјалист гинеколог кој претходно работел на биолошки потпомогнато оплодување, како и фактот дека осомничениот се уште работи на оваа проблематика во Одделот за инфертилитет на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, поднесе предлог за определување на мерки на претпазливост со кој побара на обвинетиот да му се забрани вршење на определени работни задачи поврзани со вршење на кривичното дело, во смисла на член 146 ст.1 т.7 од Законот за кривична постапка.
Со оглед на тежината на кривичното дело за кое се спроведува истражната постапка, како и постоењето на околностите што укажуваат на опасност од бегство, попречување на кривичната постапка со влијание на сведоци, како и опасноста од повторување на кривичното дело, обвинителството ценеше дека е потребно да се обезбеди присуството на осомничениот во текот на кривичната постапка со мерки на претпазливост и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање патна или друга исправа на осомничените за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање.