Косовскиот премиер Албин Курти изјави во четвртокот дека мерките на Европската унија кон Косово се „неправедни“ и дека тие треба да бидат укинати што е можно поскоро.
„Што се однесува до преземените мерки против нас, сметаме дека се неправедни. Тие се дел од асиметријата во извештаите и колку побрзо се укинат, толку подобро. Правиме се што можеме и знаеме, но би било неопходно нашите европски партнери и сојузници што поскоро да го поправат својот однос кон Косово. На крајот на краиштата, демократска и прогресивна република како што е Косово заслужува да и се помогне со се што може, а не да има казнени мерки“, рече Курти.
Оцени дека во голема мера е постигната деескалација на ситуацијата на северот на Косово, но и побара ЕУ што поскоро да го подобри односот кон Косово.
Според него, најпогоден начин за распишување вонредни избори во четири општини на северот е петицијата.
Во врска со вонредните избори за градоначалници на општините на северот на Косово, тој додаде дека се работи на решавање на технички и административни прашања за да се одржат што поскоро.
„Во врска со новите вонредни избори, од почетокот кажавме дека не сме задоволни од излезноста на граѓаните на изборите на 23 април годинава и од тоа што го дознавме во проценти следниот ден. Затоа понудивме можност за вонредни избори, но сакаме да не се повтори ситуацијата во која повторно ќе имаме бојкот на излегување на избори, било како гласање или како кандидат“, додаде Курти.