Мерките против коронавирусот го сотреа грипот, намален e за над 90 отсто

Мерките преземени од земјите за борба против пандемијата на коронавирус ја искоренија инциденцата на грип, изјави денеска шефот на одделот за пандемии и епидемични болести на СЗО Силвија Брајанд, пренесува ТАСС.

– Ја следиме сезонската инциденца на грип и можеме да кажеме дека гледаме екстремно ниска циркулација во јужната хемисфера, рече таа. – Можеби има голем број објаснувања за ова, но најреалната хипотеза е дека мерките преземени за борба против коронавирусот се исклучително ефикасни против сезонскиот грип – вели Брајанд. Таа истакна дека СЗО и натаму ќе ја следи ситуацијата со грипот, особено во конекст на вакцинацијата против коронавирус.

– Во оваа фаза, сепак, можеме да заклучиме дека мерките што се ефикасни во борбата против коронавирусот се исклучително ефикасни во борбата против другите заразни болести – рече експертката.

Претходно беше соопштено дека во 2020 година, според голем број студии, инциденцата на грип е намалена за повеќе од 90 проценти. Според американскиот Центар за превенција и контрола на болести, само во сезоната на грип 2018-2019 во таа земја се разболеле 42,9 милиони луѓе, од кои 647.000 биле хоспитализирани, а 61.200 починале. Во периодот 2017-2019 година имало 48,8 милиони случаи, 959 илјади хоспитализации и 79.400 смртни случаи.