Меси најави крај на кариерата во Интер Мајами

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси најави дека Интер Мајами, клубот чиј дрес во моментов го носи, најверојатно ќе биде последен во неговата славна кариера.

Ова им го изјави Меси на аргентинските новинари кои ја посетија репрезентацијата која е актуелен светски шампион и моментално се подготвува за претстојната Копа Америка.

„Цел живот играм фудбал и тешко ми е да го напуштам. Не сум подготвен за тоа. Дури и малку се плашам дека ќе дојде денот кога ќе треба да заминам. Да, ако ме прашате денеска каде ќе ја завршам кариерата, тоа речиси сигурно ќе биде Интер Мајами“, изјави 36-годишниот Меси, кој ја предводеше својата Аргентина до светската титула на последното Светско првенство кое го организираше Катар пред две години.

Меси мина голем дел од својата фантастична кариера во Барселона и играше за првиот тим таму од 2003 до 2021 година. Потоа принудно се пресели во ПСЖ а потоа мина во МЛС лигата минатата година, во Интер Мајами.

Неговиот тим моментално е лидер на табелата во Источната конференција, а во актуелната сезона Меси е еден од најдобрите играчи во целата лига со 12 гола и 12 асистенции. Меси има важечки договор со клубот од Флорида до крајот на 2025 година.

Меси во кариерата одигра 181 натпревар за Аргентина и постигна 106 гола, најмногу во историјата на оваа репрезентација.