Меси спортист на годината во изборот на магазинот Time

Капитенот на аргентинската фудбалска репрезентација Лионел Меси е прогласен за спортист на годината во изборот на магазинот Time за 2023 година, откако по рекорден осми пат ја освои Златната топка за најдобар фудбалер на годината и ја освои светската титула со Аргентина.

Меси одигра клучна улога во водењето на Аргентина до нивната прва титула на светските првенства по 36 години, кога го победија бранителот на титулата Франција во финалето на Светското првенство во Катар ланскиот декември.

Доаѓањето на Меси во Мајами од францускиот шампион ПСЖ остави трага не само на фудбалскиот терен, туку и надвор од него.

„Вистината е дека, за среќа, имав неколку опции на маса кои беа интересни и морав да ги анализирам и размислам, дури и да ги разгледам со семејството, пред да ја донесам конечната одлука да дојдам во Мајами“, изјави за Time 36-годишниот Меси, кој не му фалеа понуди кога на почетокот на годинава од ПСЖ се пресели во Интер Мајами.

Меси го предводеше Интер Мајами до победа во Лига купот, во кој настапуваат екипи од МЛС и од Мексико, а на седум настапи на турнирот постигна десет гола.

Пристигнувањето на Аргентинецот во САД, исто така, предизвика голем интерес за натпреварите на Интер Мајами, бидејќи навивачите сакаа да го видат на дело, а исто така беше разграбен неговиот официјален розов дрес на Интер Мајами, а остро скокна и продажбата на сезонските билет.

Цените на билетите за игрите на Интер Мајами, исто така, пораснаа, додека Apple TV, која има десетгодишно партнерство со МЛС, забележа значително зголемување на претплатите, според истражувачката компанија Antena.

„Меси успеа да го направи она што некогаш изгледаше невозможно: да ги претвори САД во фудбалска земја“, пишува Time.

Сајмон Билс, Леброн Џејмс и женскиот национален фудбалски тим на САД ја освоија наградата последниве години, а Арон Џаџ од Њујорк Јенкис ја освои наградата на „Тајм“ за 2022 година.