Meta се закани со отстранување на медиумската содржина од Facebook во САД

Сопственикот на Facebook, компанијата „Meta Platforms“ се закани со отстранување на медиумската содржина од најголемата социјална мрежа на светот во САД, најавувајќи отпор за предлог-законот со кој би се зајакнала позицијата на медиумите во преговорите за поделба на приходите од рекламирањата на платформата.

Сенаторката од сојузната држава Минесота, Ејми Клобучар, претстави во Конгресот предлог-закон за кој вели дека се однесува на пазарната конкурентност и зачувувањето на новинарството – познат по кратенката JCPA, обезбедувајќи поддршка за негово разгледување како од нејзините демократи, така и од републиканците.

Законот на медиумите би им обезбедил посилна позиција во колективните преговори со социјалните мрежи и медиуми за поголем нивен удел во делењето на приходите од рекламирањата и огласувањата, толкува британскиот јавен радиодифузер BBC.

Медиумските компании тврдат дека прилозите кои се споделуваат на платформите во сопственост на „Meta Platforms“ ѝ носат огромни приходи. Од компанијата, пак, одговараат дека нивната платформа Fаcebook всушност им носи поголем приход на медиумските куќи кои се во проблеми, истакнувајќи дека објавуваат содржини на нејзината социјална мрежа затоа што „од тоа имаат полза“.

„Доколку Конгресот во рамките на законот за национална безбедност го усвои непромислениот закон за новинарството, ќе бидеме принудени да разгледаме целосно отстранување на вестите од нашата платформа“, изјави портпаролот на „Meta Platforms“, Енди Стоун.

Австралија сличен закон усвои во март 2021 година и „Meta Platforms“ накусо го запре објавувањето на медиумските мрежи на Facebook. Одлуката ја повлече по бранот критики и постигна договор со австралиската влада.

Приврзаниците на предлог-законот во САД предупредуваат дека, доколку не мине во Конгресот, социјалните мрежи „де-факто ќе станат локални весници“.

„Meta ги проголтува медиумските куќи“, тврди директорот за истражувања во American Economic Liberties Project, Мет Столер, а нејзините „обиди да го уценува Конгресот одново покажуваат зошто овој монопол е закана за демократиите ширум светот“.