Металург се засили со пет нови играчи

Македонскиот вицепрвак Металург се засили со пет нови играчи, со обид сезаонава да се претстави во подобро светло во Лигата на шампионите.

Левиот бек Дарко Димитриевски заедно со Горан Печенковски се двајцата македонски ракометари, а на списокот на петте нови играчи што Лино Червар ќе ги има на располагање се и хрватското крило Мартин Марчец, потоа српскиот бек Немања Обрадовиќ, како и голманот Дарко Арсиќ. Марчец доаѓа од екипата на Вараждин, Обрадовиќ минатата сезона ги бранеше боите на францускиот тим Валанс, додека Арсиќ пристигнува во Скопје од редовите на Металопластика.

Димитриевски доаѓа од унгарскиот прволигаш Чургу и ќе биде дополнително засилување за бековската позиција заедно со Талески, Кузманоски и Нелоски. Крај нив ќе биде и средниот бек Горан Печенковски, кој доаѓа од редовите на Охрид откако претходно настапуваше за екипите на Тинекс Пролет, Преспа и Пелистер.

Како што вчера објавија од РК Металург, петмината ракометари потпишале двогодишни договори со оваа екипа.