Метрополитен операта ја прекинува сезоната, оркестарот и хорот нема да бидат платени

Њујоршката Метрополитен опера, поради епидемијата со коронавирусот, ја прекинува сезоната и на крајот од месецов ќе престане да ги плаќа оркестарот и членовите на хорот.

Генералниот менаџер на една од најпрестижните оперски куќи, Питер Гелб се откажа од својата плата (1 милион и 450.000 долари годишно) сè додека работите не се вратат во нормала. Платите се намалуваат и на најплатените административци на операта и тоа за 10 до 50 проценти во зависност од годишните примања.

Во исто време, популарниот Мет почна итна добротворна акција со цел да се соберат меѓу 50 и 60 милиони долари од донатори. Досега има ветувања за 11 милиони.

Генералниот директор Гелб ги повика оние кои купиле билети за претстави до крајот на сезоната да направат донација со тоа што нема да бараат поврат на парите или „барем да ги остават парите и да чекаат билети за некоја од идните претстави“.