Челникот на републиканското малцинство во американскиот Сенат, Мич Мекконел, повторно е потврден на таа позиција во средата за новиот состав на горниот дом на Конгресот кој ќе започне во февруари, бидејќи неговиот противкандидат од сојузната држава Флорида, Рик Скот, не доби доволно гласови.
Поради тоа, политички искусниот 80-годишен Мекконел од руралната сојузна држава Кентаки останува на чело на републиканците во Сенатот, на должноста која ја извршува од 2014 година.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој го сочува големото влијание во Републиканската партија и објави дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година, го обвини токму Мекконел за неуспехот на републиканците на американските меѓуизбори на 8-ми ноември на кои изостана нивната убедлива победа најавувана како „црвен бран“.
Трамп и Мекконел беа политички сојузници додека милијардерот беше во Белата куќа, но сѐ се промени откако сенаторот се дистанцираше од Трамп кога неговите приврзаници влетаа на Капитол во обидот да го спречат потврдувањето на демократот Џо Бајден за нов претседател на САД тврдејќи, па и сѐ до денес, дека изборите во 2020-та биле украдени на штета на републиканскиот кандидат.
„Тој ги уништи изборите“, тврдеше Трамп за Мекконел на својата социјална мрежа Truth Social по одржувањето на изборите.
Претходно во текот на кампањата Мекконел изјави дека е „загрижен“ поради тоа што сметал дека се „неквалитетни“ кандидатите за Сенатот и за Претставничкиот дом кои ги предложил поранешниот претседател.
Мич Мекконел, првпат избран во Сенатот во 1984 година, успешно пливаше низ сите стури и интриги во Вашингтон и во средата лесно го победи Рик Скот. Беше заслужен и за тоа што гласањето е одржано во средата, иако сенаторите „трамписти“ сакаа да го одложат гласањето за следната седмица.
Демократите на меѓуизборите успеаја да го сочуваат тенкото мнозинство во Сенатот, бидејќи успеаја да им го преземат на републиканците местото од Пенсилванија, па во моментов имаат 50 мандати наспроти 49 на републиканците, плус гласот на потпреседателката Камала Харис која и по позицијата е претседателка на горниот дом.