Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска порача дека аферата „Кеш“ покажува дека пречка за правдата во Македонија е Зоран Заев.
-Гледаме како тоа СЈО си имала и приватна полиција платена со народни пари, преку началникот на Алфите. Гледаме како и ќерките, синовите, внуците на судиите, обвинителите, земале покрај платата и паушали во илјадници евра. Скоро и да немало вработен кој не е таму по пат на непотизам, или по партиски клуч да му служи на Зоран Заев и СДСМ. И наместо правда, добивме рекет, наместо правна разрешница, добивме изигрување на процедурите, наместо независност, добивме партизираност, наместо заштита, добивме атак врз словото на Уставот и Законите, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој потенцираше:
„Згора на се, сето ова поминува неказнето, млитаво, со дефоксуирање на вистинските скандали. Имаме некоја бледа истрага за илјадниците евра паушали, која повеќе личи на борба да се влезе во СЈО и да се обезбедат доказите кои отвораат сомнеж за незаконско постапување на институцијата со неславен крај, а пред се да се заштитат главните наредбодаватели, оние по чии упатства работеле Катица, Фатиме, Лиле и останатите, а чии пипци, како и за се друго покажуваат кон владата на Македонија. И се покажа дека намерата на Власта не беше да се постигне договор за обвинителство, туку да се спаси кариерата на обвинителите од корумпираното СЈО. Аферата покажува зошто Заев беше пречката да нема нов закон за обвинителство. Во моментот кога го постигнаа тоа преку прераспределување во редовното обвинителство, тие ја загубија желбата за закон за обвинителство.“
-Уште во месец јули побарав истрага за работата на обвинителите, а тоа од власта беше лажно интерпретирано како обид да се спречи правдата. Денес кога гледаме дека нема никаква правда од овие обвинители, Заев за да одбегне одговорност за состојбите, и тој бара истрага. И навистина е лицемерно да излегува со видео обраќање Заев на кое повикува прочистување на нечесни судии и обвинители кои пак се хранат од неговата рака како што се гледа преку аферата Кеш. Не е само проблемот што има судии и обвинители кои се корумпирани, туку што Заев е браната да се стигне до откривање на тој криминал. Аферата Кеш покажува колку само ни е трул правосудниот систем кој е ставен во функција да и служи на власта и интересите на Зоран Заев. Добивме политичари кои се над државата, со преку ноќ стекнат имот кој се брои во милиони евра, и обвинители и судии кои без основа земале државни пари а не носеле правда и заштитувале неправда, подвлече Мицкоски.