Мицкоски: Aко не направиме кредибилна влада, одиме на брзи избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес – конференција изјави дека она што вчера се случи е заедничка борба за народот во Македонија и дека силата е кај народот.

Мицкоски смета дека новото парламентарно мнозинство значи дека паѓа Владата на СДСМ и Зоран Заев. Според него, тоа ќе значи дека во наредниот период ќе се обиде да формира нова Влада.

„Тоа ќе се случи само ако сум сигурен дека ќе биде Влада на сериозен кредибилитет и силни институции кои ќе гарантираат стабилност. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на Владата, борба против корупцијата и криминалот, тогаш, тоа што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори за народот да одлучи за новата иднина“, рече Мицкоски.

Вели дека сака Влада која ќе има полн капацитет и ќе спроведе реформи. Ако тоа не се случи, тогаш брзи избори се неминовни. Mицкоски тврди дека имало притисоци врз луѓето кои го дале својот потпис, односно оние 61 пратеник.

Тој кажа дека очекуваат в понеделник да пристигне оставката на премиерот Заев во Собранието, а ако не ја поднесе, тогаш ќе почнат постапка за недоверба на владата. Мицкоски кажа дека уште од вчера од власта се прават жестоки притисоци врз потпишаните пратеници, но засега нема информации дека некој би се поколебал.