Да ги тргнеме розевите очила на Заев и Владата настрана, и ќе видиме гола борба за егзистенција на нашите граѓани, напиша лидерот на ВРМО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот профил на Facebook, и посочи дека изминува третата година откако премиерот Зоран Заев и неговиот тим дрско лажат дека ќе го рестартираат „Југохром“, по третпат пролонгираа едно исто ветување.
Последното вакво ветување, како што потсетува Мицкоски, беше дека тоа ќе се случи сега во мај или јуни годинва, но, за жал, нема ништо од ова нивно ветување.
„На почетокот од својот мандат, премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев ветија рестартирање на Југохром од Јегуновце што би значело работа за 1.200 семејства кои би обезбедиле егзистенција во Полошкиот дел на Македонија. Две години потоа и континуирани ветувања дека само што не почнало рестартирањето на Југохром, немаме ништо во реалноста. А еве како одеа хронолошки тие измами:
-18 јуни 2017-та година, по средбата со синдикатот имаше свечена изјава на премиерот Заев дека ќе најде решение за рестартирање на Југохром и спас на егзистенцијата на 1 200 вработени.
-12 октомври истата 2017-та година, имаше ветување од премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев, дека Југохром ќе почне да работи во мај или јуни 2018-та година. Помина не само мај и јуни, туку дојде септември, октомври, дури и ноември кога повторно беше дадено ново ветување.
-22 ноември 2018-та година по потишувањето на меморандумот со Владата, потпретседателот Анѓушев даде ветување дека Југохром почнува со работа најдоцна мај-јуни оваа 2019-та година.
Мај помина, јуни дојде и минува, Југохром не е рестартиран. Поминува третата година на власт на Заев и неговиот цунами економски тим, а немаат исполнето ниту едно клучно ветување. Уште една измама на Заев, уште едно нереализирано ветување.
Премиерот и вицепремиерот гледаме како забораваат на ветеното и сега се дистанцираат од проблемите. Со други зборови, отворено не ја говорат вистината и лажат на рати. Постојано нови ветувања и повторно изневерени очекувања.Јас и минатата година потсетив на ветувањето на Владата за Југохром кое сега гледам дека го забораваат, и ќе ги потсетувам постојано на нивниот срам од изневерените очекувања затоа што за жал некако стана нормално оваа Влада да се служи со измами кои се почесто ги има и кои стануваат нивно (но уште полошо) и наше секојдневие.
Се работи за животи на луѓе, нивни судбини, и тука нема политика, туку чиста неспобност на Владата да ги реши проблемите. Не може да се исперат со никакво неиздржано оправдување или посочување на вината во некој друг. Ветувањата се нивни исто како и срамот од лагите.
Имаме економски крах кој се потврдува со официјални бројки, но и преку реалниот живот на граѓаните, а тоа е зошто Владата не работи, додека криминалот и корупцијата расте. На Македонија и треба обнова, рестартирање на економијата и резултати. И треба програма која издржана, детална и ќе понуди реални решенија изработени преку искуствата од развиените земји. Програма со која
Македонија ќе стане напредна земја со силен стандард. Ние работиме на тоа“, напиша Мицкоски.