Стојам тука исправено и спокојно и јас Христијан Мицкоски, сум подготвен да ја платам секоја цена за слободата и за новата заедничка иднина. Подготвен сум да ја платам секоја цена, затоа што народот е нашата сила, а ние неговата, и затоа што новата иднина е нашиот сон од кој нема да се откажеме“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски на централниот митинг во Скопје.
Мицкоски додаде дека ќе ја плати секоја цена за остварување на сонот кој што го сонуваат сите граѓани во Македонија.
„Од мене ќе видите подадена рака за соработка, затоа што ние сме многу малку во оваа земја. И не само што е жалосно да сме поделени и раскарани по разни основи, туку е и катастрофално штетно за иднината на државата. Иднина која мора заедно да ја создадеме. Ви должам вам, на народот на Македонија, и јас таа ваша доверба никогаш нема да ја изневерам“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека покрај таа борба на индивидуализмот, постои едно нешто кое е многу важно за нас како држава. Сите граѓани меѓу себе се сите поврзани, затоа што нивната судбина е и негова судбина.
„Судбината на мојот сосед чие дете има проблеми и не може да се лечи заради проблеми во системот, е и моја судбина. Судбината на учителот во Битола кој има ниски примања и не може да си го издржува семејството е и моја судбина иако јас не го познавам него. Нашите судбини се испреплетени. Тоа мора да го разбереме сите. Болката на другите е и моја болка. Болката на луѓето кои загубија блиски во тетовската болница е и моја болка“, нагласи Мицкоски.
„Болката на земјоделците кои со насолзени очи и бес во себе велат дека не можат да си го продадат родот е и моја болка. Болката за ниските плати и разочарувањата кај луѓето кои ќе отидат во продавница со празен паричник е и мое разочарување. Ако има пензионер кој не може да си ги плати лековите заради малата пензија и треба да одбере дали да купи подарок на внучето или лекови за себе, тоа е моја болка и мој проблем, без разлика што тоа не се мои дедо и баба. Вашата битка е и моја битка“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека тој на моменти кога ги најавува и кандидатите вели мојот брат, мојата сестра, затоа што верува, дури и сосема религиозно дека сите се едно и треба да функционираат како едно за оваа земја да има успех. Со грижа еден за друг, со поддршка еден за друг.