Мицкоски: Димитриевски и Спасовски треба да се соочат со реалноста дека кумановци живеат лошо и тука алиби не може да им е ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата “Став” на ТВ Плус, околу реализацијата на проектите во Куманово и дали дојде животот за граѓаните, од срце апелираше до градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да се соочат со реалноста, да ја видат вистинската реалност која што се случува во Куманово, бидејќи неможат да бараат алиби во ВМРО-ДПМНЕ, кога градоначалници на СДСМ се од 1991-та до денеска.

-Денеска кумановчани сведочеа дека немаат зелени површини, немаат игралишта, реновирани улици, односно сето она што беше ветувано многу малку е реализирано. Да не речам, речиси ништо од тоа. Претпоставувам дека сега градоначалникот, министерот за внатрешни работи ќе излезат и по нивните портали ќе емитуваат некакви лажни вести и нема да се согласуваат со ова што го зборам. Но, се додека не се подготвени на критика, се додека не ја видат реалноста, се додека не се подготвени да се соочат со реалноста никогаш нема да бидат подобри. Постои катастрофална патна инфраструктура, нереновирани училишта и градинки, нема зелени површини, нема нови стопански објекти, а старите се уништија во транзицијата која што ја спроведе СДСМ. Јас навистина неможам да најдам зборови со кои можам да ја опишам оваа лоша ситуација во која се наоѓа Куманово и кумановчани, рече Мицкоски.