Мицкоски до Ковачевски, Пендаровски и Ахмети: Ве чека таков пораз што ќе ви зујат ушите од шлаканицата што ќе ви ја испорача народот

Живееме во тешко време. Македонија сѐ помалку ја има. Народот ја загуби контролата над сопствената држава. Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во Куманово во рамки на претседателската кампања.

ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски потенцираше дека во секој сегмент состојбата е катастрофална.

Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Платите не стигаат ни за половина месец. Трошоците се зголемуваат, а платите недоволно растат. Од друга страна колку повеќе народот осиромашува, толку повеќе се богати кликата на власт. Криминалот цвета. Корупција насекаде, правда никаде, рече тој.

ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски укажа дека јавното обвинителство и судството се под контрола на тандемот СДСМ и ДУИ, како и дека Груби и компанијата од ДУИ се господари на Македонија.

-И Јавното обвинителство и судството е под строга контрола на тандемот СДСМ-ДУИ. Тие си ги редат првите луѓе и тие управуваат со газење на правдата и кршење на законите. Проблемот е што ДУИ е газдата во државата, и нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж и сиромаштија. Главниот стопан е Али Ахмети, со измеќар Ковачевски кој за да ја задржи фотелјата се му исполнува на Али. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС, смета Мицкоски и додаде:

„Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло- 200 посто. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС. Државата е притисната со незнаење и неспособност. Сте слушнале ли дали Ковачевски некогаш кажал лош збор за ДУИ? Сте слушнале ли Пендаровски да каже критика или осуда за некаков криминал на ДУИ? Нема такво нешто. Затоа што знае дека ако ја кажат вистината за ДУИ нема да има влада, ниту поддршка во вториот круг од изборите за Стево…. ете толку им е скапа Македонија. Колку за еден тендер за тендер во РЕК или најмен подизведувач за автопатиштата што требаше да ги гради Бехтел и Енка. Толку им чини родољубието за татковината. Се продаваат за ситни грошови што им ги дава Артан Груби и си играат со судбината на сите. На тоа мора да се стави крај“.

ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски потенцираше дека ова се избори кога народот мора да ја преземе државата и да ја врати контролата во свои раце.

Затоа ова се избори кога народот мора да ја преземе државата и да ја врати контролата во свои раце. Ова се и избори кои ќе испратат граѓаните порака дека луѓето се на прво место. Избори во кој секој еден од вас треба да одлучи за себе, за своите најблиски, за своето семејство. Таа промена зависи од вашата одлука на изборите. Македонија е многу повеќе на народот, отколку на Али, Груби и Ковачевски. Ги чека таков пораз што ќе им зујат ушите од шлаканицата што ќе им ја испорача народот прво на 24 април па на 5ти мај, порача Мицкоски.