Сум за тоа да се градат односи и мостови со соседите, и да се почитуваме. Не можеме да бидеме добри соседи ако немаме почитување, изјави премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека државата ги признава Бугарите и нивните права во земјава.
За изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев и на Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ и победник на последните избори во Бугарија, тој рече дека таквите пораки се дел од средниот век.
– Жалам што од страна на источниот сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислам дека ваквите пораки се дел од средниот век, но во современа Европа во 21 век постоеле вакви политичари како Радев. Јас сум подготвен да седнам и со едниот и со другиот. Му посакувам на Борисов да ја формира владата, затоа што доаѓаме од Европската народна партија. Но, исто така источниот сосед треба да знае дека поминаа времињата на политичари кои виткаа кичма и коленичаа, и потпишуваа сѐ што им беше ставено на маса, а во исто време со европско знаме го ограбуваа народот. Треба да се навикнат на политичари кои работат деноноќно, и политичари кои немаат намера да виткаат кичма, немаат намера да потпишуваат сѐ и сешто, туку политичари кои се подготвени да разговараат врз основа на документи и факти. Сум за тоа да се градат односи и мостови со соседите, и да се почитуваме. Не можеме да бидеме добри соседи ако немаме почитување – рече Мицкоски на отворање на училиште во Драчево.
Радев и Борисов претходно реагираа на изјавите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат.
– Какви било толкувања не се добри за колегите од Северна Македонија. Без нашата и поддршката на Грција, РСМ нема шанси за ЕУ. Сега треба да бидат одговорни. Како што ја добија нашата поддршка, можат и да не сметаат на неа – рече Борисов и додаде дека доколку формира влада и стане старо-нов бугарски премиер, ќе иницира средба со Мицкоски.
Според Радев, Македонија конечно ја тргнала маската и се покажало дека најголемиот страв било да се да се препознае постоењето на Бугари во Македонија.
– Ова е политика насочена директно против европските принципи и донесени одлуки со консензус на сите земји-членки против меѓународните обврски преземени од РСМ, но особено против сопствените граѓани, кои јасно ги декларираа своите амбиции за европски развој на земјата. Очекувам итни конкретни дејствија и од бугарската влада и од европските институции за почитување на европските принципи и норми во процесот на проширување, за гарантирање на неповратност и одржливост во афирмацијата на принципите на демократијата и главните критериуми во почитувањето на човековите права. Ако ЕУ не се заложи за европската перспектива на Балканот, врз основа на јасни принципи, норми и вредности, тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација – рече Радев.