Ниту една влада порано било да е од левицата или десницата од независноста до денес не потклена на негаторски барања на нашиот источниот сосед кои ги слушаме зачестено последниов период. Ниту владата на Кљусев, ниту таа на Црвенковски и Љупчо Гоергиевски, ниту на Костов, Бучковски или таа на Груевски, и нути еден претседател не потклекна почнувајќи од Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорѓи Иванов, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека нема Mакедонец, ниту граѓанин што и малку ја чуствуваа оваа земја како своја, кој не се чувствува понижено, навредено од сите оние изјави дека народот ни бил вештачки, дека јазикот е дрво без корен измислен во 45тата година, дека нашите свети борци за слобода биле Бугари.
„Сега треба да се правиме отсутни од реалноста и историските факти и да прифатиме дека тука имало бугарска администрација, а не окупаторска војска, фашистите да ги направиме административци и што ли уште не.
Тоа боли, но уште повеќе боли тоа што владата и Заев молчи на сето ова и не одговара ниту демантира. Јас ги разбирам оние бесцелни прес конференции на министерот за надворешни работи и Зоран Заев кога велат дека му даваат шанси на процесот, но исто треба да бидат свесни и отчетни пред граѓаните и да кажат за што преговараат и кои се тие 7, 8 точки по кои што постигнале напредок.Згора на тоа сведоци сме и на таен нон пејпер кој Владата не го коментира, ама го прифатила и притоа необјаснувајќи во чие име тоа го направила и со кого се консултирала за сето ова“, рече Мицкоски.
Според него главниот проблем е што се нема општ политички консензус во државата за вакво важно прашање.
„И затоа меѓудругото барав лидерска средба на која ќе дискутираме и за преговорите со Бугарија и затоа беше важно заеднички да настапиме затоа не може еден човек да разговара во името на сите и да мисли дека може да прифаќа нон пејпери кои никогаш не сме ги анализирале. И ќе бидам јасен како ден, со чист став како солза. Ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме намера да прифатиме компромис кој нѐ асимилира, немаме намера да свиткаме кичма. А и ти Заев те повикувам барем еднаш, еднаш во твоето политичко функционирање да не подвиткуваш кичма. Барем еднаш, направи спротивно од сѐ до сега што правиш досега, и исправи се барем еднаш. Ние како нација и држава не можеме да прифатиме да се самопорекнеме, или самоодречеме по секоја цена, јас би рекол по ниту една цена.Мора некогаш да се каже доста е на лазењето по нерви и навредливата реторика во која ние Македонците ќе се повлекуваме и постојано ќе губиме. Доста е од тоа како држава да даваме се, а да не добиеме барем малку.
Не смееме да прифатиме да се самоизбришеме.
Сакам ова да го потенцирам, ако Владата постигне решение, внимателно ќе повторам ако владата постигне решение недвосмислено заштитувајќи го нашиот македонски јазик и неговата антропологија и историја, ако владата постигне решение а притоа да не се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако владата постигне решение во кое што ќе ги заштити историјата, имињата и жртвата на дејците кои што животот го положија за независна македонска држава, ако владата постигне решение во кое што нема окупаторите да бидат административци, тогаш јас ќе бидам првиот кој што ќе застанам овде пред вас и ќе им честитам и ќе им ја стегнам раката, и ќе им речам секоја чест ги запазивте и одбранивте македонските национални интереси.
Но, во исто време предупредувам, ако владата се обидува да преговара за решение кое што ќе го негира нашиот идентитет, историјата, антропологијата на нашиот македонски јазик, неговата посебност, во кое што ќе ги понижи жртвите на македонските дејци кои што се бореа за независна македонска современа држава, ако во исто време преговара за решение со кое што ќе се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако во исто време преговара за решение кое што подразбира дека окупаторот бил административец, тогаш јас ви ветувам ќе им се случи народ истиот ден низ цела Македонија. Овие неколку дена се многу значајни со разговорите со нашиот источниот сосед, а нам искуството со оваа влада ни вели дека мора да се биде претпазливи.
Апелирам Владата на Заев како свој прв приоритет нека ги постави заштита на националните и стратешки интереси и да постигне решение не по цена на самоодрекнување и бришење, решение кое ќе биде гарантор на нашиот идентиет, јазик и посебност и виза за непречен почеток на преговори со ЕУ“, истакна Мицкоски.