Доколку премиерот Зоран Заев тргне од самиот себе и од неговите блиски соработници, тогаш корупцијата која владее во Македонија ќе биде драматично помала, порача во петокот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
„Уште на почетокот на оваа недела при посетата во Старата скопска чаршија реков дека најдобро што може да направат во овие 6-7 дена е да почнат од себе, односно од најблиските соработници на Зоран Заев и самиот Зоран Заев. Доколку тие започнат од својот двор тогаш нивото на корупција ќе биде драматично помало. Со 111 место ние покажавме дека сме лидери, дека не знаеме како, поминаа 4 години, освен ќе и ветувања и многу пљачкање и криминал кои што се случуваат на народот и на Македонија, ние буквално ништо друго не видовме“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, државата ќе продолжи да тоне во криминал и корупција бидејќи како што рече власта ниту знае како, ниту пак има намера да расчисти со криминалот бидејќи се заглавени со криминал до гуша.
„Доколку вака продолжат и во иднина да се однесуваат бидејќи гледам од овие нивни првични изјави после катастрофата кога пристигна веста дека сме на 111 место, наместо да се корегираат, наместо да преземат итни мерки, она кое што можам да го забележам е барање алиби дека вината не е кај нив туку е кај сите останати. Македонија ќе продолжи да тоне на скалата на Транспарентност Интернационал затоа што ниту знаат како ниту имаат намера да расчистат со криминалот затоа што се во криминал заглавени до гуша. Погледнете ја нивната предизборна програма и ќе видите дека не постои ниту една мерка за справување со корупцијата“, истакна Мицкоски.
Посочи дека нема абер ниту од законот за испитување на потеклото на имот на функционерите кој толку го најавува, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ во следните собраниски седници ќе поднесе ваков закон се со цел да се испита потеклото на имот на политичарите за да се види кој бил чесен а кој несразмерно се збогатил, повикувајќи прво да се почне од него и неговото семејство, а потоа да биде Зоран Заев и останатите.
„Каде е законот за потекло на имотот на функционерите, оној толку најавуван? Абер нема, ниту знаат како ниту пак можат. Затоа ВМРО-ДПМНЕ на една од следните собраниски седници ќе поднесе ваков закон каде што ќе разговараме за потеклото на имотот на сите оние кои што се занимавале или се занимаваат со политика, па да видиме кој несразмерно се богател, а кој бил чесен. Јас велам нека почнат од мене и моето семејство. Ете од таму нека тргнат со проверка. Доколку најдат било каква неправилност, јас сум тој прв кој што е подготвен да сноси консенквенции. Но, втор да биде Зоран Заев па, сите останати“, нагласи Мицкоси.