Секоја искра надеж е разградувана и газена од партиските притисоци на власта за нагласена партизација во општеството. Само во нашата Македонија за жал, партиската книшка стана посилна од парчето хартија на кое пишува Диплома за завршено високо образование, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во говорот пред Унијата на млади сили
„Државата, Владата не велам дека е единствениот џелат за иднината на младите, но државниот апарат е сигурно најгласниот убиец на соништата на нашите млади луѓе. Епилогот на ваквото колективно самоуништување како држава се виде и со овој несреќен и некомплетен попис“, потенцираше Мицкоски.
Посочи дека речиси 200 илјади луѓе си ја побарале среќата некаде надвор од Македонија и се иселиле и оваа појава е истата рана и за младите Македонци, и за младите Албанци, и за младите Турци, Роми, Срби, Власи или Бошњаци.
„Мора да го стопираме колективното самоуништување. Мора да изградиме држава која ќе нуди можности за младите луѓе. Мора да им кажеме на младите дека нивниот сон можат да го достигнат тука во својата земја, и дека нашата заедничка Македонија е најдобрата гаранција за реализација на нивниот сон. Мора еднаш за секогаш да се престане со партизацијата на општеството“, нагласи Мицкоски.
Истакна дека не смееме веќе да тонеме во истата матрица на гледање низ нишан едни со други.
„Нели сме тука да ги менуваме работите. Бидејќи секоја изгубена секунда значи загубена надеж за некој млад човек, секоја поделба значи отфрлена можност за остварување на заедничка иднина. Мора да овозможиме младите да сонуваат и да ги остварат тие соништа“, заклучи Мицкоски.