„Барањето за предвремени избори стои, имам чувство дека некогаш на јавната сцена не треба континуирано да повторувате една те иста работа, затоа што на луѓето можеби нема да им биде таа работа прв приоритет. Можеби имаат други приоритети па ќе звучите малку чудно. А, денеска кога ќе ги прашате луѓето во Македонија генерално ќе заклучите дека тешко живеат, имаат многу приоритети. А, мојот приоритет и на ВМРО-ДПМНЕ како основен приоритет, на секоја опозициска партија приоритетот е што побргу да дојде до можноста да формира влада. А, тоа може да се случи само на избори“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „360 степени“ на АлсатМ.
Мицкоски додаде дека изборите остануваат приоритет, потребна е влада која што ќе се справи со проблемите и ќе овозможи подобри услови за живеење на граѓаните.
„Ценам дека не треба да бидеме во овие тешки моменти како политичари, и како луѓе надвор од реалноста. Бидејќи реалноста е тешка и мачна за нашите сограѓани. И донесовме одлука да имаме поинаков пристап, пристап во кој што ќе бидеме пред се хумани, ќе се сочувствуваме со луѓето, и ќе се понудиме со нашите решенија и политики да им олесниме колку можеме во овие тешки времиња“, појасни Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека раката која ВМРО-ДПМНЕ ја подаде e со цел да се реши енергетската криза, таа рака е подадена на граѓаните, на државата, на Македонија.
„Оваа Влада ваква каква што е не нуди решенија за реалните проблеми, и час поскоро треба да замине, тоа сум го кажал во многу наврати дека предвремени парламентарни избори се нужност. Ако овие продолжат да бидат таму каде што се продолжува Македонија да губи“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека начин да се дојде до предвремени парламентарни избори е дoколку Парламентот се самораспушти, тоа е со 61 пратеник најмалку да гласаат за самото распуштање на Парламентот.
„ВМРО-ДПМНЕ не нуди гола политика, туку политика на решенија“ – порача тој.