Мицкоски: Ќе започне вистинската битка за Македонија, на секое поле

Ќе започне вистинска битка за Македонија, на секое поле и за секој еден човек, порача во четвртокот на средбата со жителите на скопската општина Центар, челникот на опозицијаската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Повторно ќе се обидат да играат на онаа проверена карта, картата на кратко помнење, ќе се обидат со некоја шарена лага ветувајќи им на граѓаните дека ќе оделе напред, се разбира со Зоран Заев и со Стево Пендаровски, едниот со инспекторите под мишка и евро по евро во торбичката народни пари украдени од граѓаните, а другиот слугувајќи му на првиот ќе не убедува дека блескава иднина не чекала само што требало него да го избереме и веднаш ќе ни тргнело. Но заборава истовремено да им каже на граѓаните, на сите оние шарени лаги коишто изминативе три години ги слушавме на плоштадите на улиците во Република Македонија, ветувајќи сѐ и сешто само за да дојдат до тие пусти привилегии, за таа пуста власт и за пусти пари“, рече Мицкоски.

Порача дека првиот голем чекор ќе биде направен на 21-ви април, кога се одржува првиот круг од претседателските избори, а оти вториот ќе биде на 5-ти мај, кога како што уверува Мицкоски ќе победи кандидатката поддржана од опозицијата универзитетската професорката Гордана Силјановска Давкова.

„А третиот ќе биде победа на предвремените парламентарни избори и формирање на влада на Република Македонија која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш ќе започне вистинската битка за Македонија на секое поле за секој еден човек, затоа што ќе треба од пепел да ја креваме Македонија“, потенцираше Мицкоски.