
На прашање од бугарска новинарка што ќе ѝ каже во четврток на претседателката на Европската комисија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека на Урсула Фон дер Лејен ќе ѝ посочи на идентитеската засебност и особеност на македонскиот народ.
„Дека ова е Македонија и македонски народ со своја традиција, македонски народ кој има своја култура и говори на македонски јазик“, одговори на новинарско прашање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пред почетокот во средата вечерта на новиот масовен протест пред Владата против предлогот на поранешното претседателство на Франција со Советот на ЕУ за надминување на блокадата од Софија за почетокот на пристапните преговори на Македонија со Унијата.
Малку претходно во средата попладнето, Европската комисија објави дека нејзината шефица Урсула фон дер Лејен, утре во Скопје ќе се сретне со, како што стои во објавата на Twitter, „северномакедонскиот“ претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски“.
„Фон дел Лејен во 13 часот во четвртокот ќе има обраќање во „северномакедонскиот парламент“, стои во твитот објавен од Европската комисија.
Мицкоски се надева дека во последен момент Владата ќе каже „не“ на ткн „француски предлог“.
„Ова што се нуди не е почеток на преговори за Македонија. Ова е сликање во Брисел. За да ги почнеме преговорите, потребно е промена на Уставот, а ние како партија кажавме дека тоа нема да се случи. Најодговорно тврдам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени и мислам дека ниту пратениците на СДСМ нема да гласаат, откако ќе го видат Протоколот кој што ќе го потпише Бујар Османи. Бидете спокојни и апел до македонската јавност дека уставни измени ние нема да поддржиме“, рече Мицкоски од почетокот на протестот против францускиот предлог пред Влада.
Челникот на ВМРО-ДПМНЕ изрази уверувањее дека ниту пратениците од коалицијата на владејачкаа СДСМ нема да гласаат за Протоколот кој ќе го потпише шефот на дипломатијаа Бујар Османи откако ќе го видат и ќе се запознаат со неговата содржина.
„Верувам дека кај некои од пратениците од СДСМ постои малку македонско затоа што кога ќе го прочитаат предлогот, односно протоколот којшто ќе го потпише Бујар Османи ќе се предомислат и ќе се проколнуваат самите себеси затоа што и воопшто дозволиле да гласаат за ова што се нарекува последен модифициран предлог“, истакна Мицкоски
Мицкоски апелираше до јавноста дека дури и ова насила да минат во Собранието таквите уставни измени ВМРО-ДПМНЕ, а и поголем дел од пратениците од парламентот нема да поддржат.