Овие денови беше врнежливо, небото е прекриено со темни облаци исто како и секојдневието што го живееме. Иако се чини дека тоа никогаш нема да престане, тука, од врнежливото Скопје, велам, доаѓаат подобри времиња, родена е надежта која ќе ни донесе нова иднина. Тоа е гласот на промените, а народот е силата на тие промени, тоа е гласот кој ќе ги оддува облаците и ќе го врати сонцето. Новата иднина се промените, проектите и победите. Промените што ќе значат дека на сцена доаѓа нова генерација луѓе, нова надеж во политиката. Проектите кои ќе значат решенија за проблемите на луѓето, и победите. Победите кои му требаат на народот и успесите кои мора да бидат заеднички. Скопје мора да го ослободиме од тесната клика и олигархијата која го гуши градот. Градот му припаѓа на народот. Скопје што побрзо мора да го преобразиме во метропола каква сите ние ја заслужуваме. Модерен град, град на случувања, град што се движи. Да ги вратиме насмевките на луѓето, да градиме дом за сите, истакна вечерва од централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, партискиот лидер Христијан Мицкоски.
-За жал, реалноста говори дека и Скопје е зафатено од она што го гледаме во целата наша татковина. Разочарувања, неисполнети ветувања, крпен живот, неодговорни институции, локални шерифи, луѓе кои делат правда со боксови и пиштоли по улици, несигурност, пропаѓања и огромна, огромна сиромаштија. И додека сево ова се случува, имаме неподнослива ароганција на власта и запрепастувачка отсутност од реалноста. И на овие избори имаме реприза на истите ветувања, истите стравови со кои го плашат народот, истите сеништа од минатото, истите фрази, говори, потези, лактови, гестикулации. Дури и истите ветувања за иднината која ни ја ветуваа, а не ја испорачуваат. Лажните ветувања што ни ги даваат за ЕУ, за речениците со кои ни велат – еве само што не ни тргнало, дека сè сме исполниле, сè испотпишале и кај и да е, некој ќе нè забележи. И откако ќе нè забележат, резултатите сами ќе дојдат. Не оди тоа така затоа што генерации доаѓаат, генерации поминуваат. Но ние не мрдаме од истиот затворен круг. Соништата се исти, ама годините се менуваат и изминуваат. А, ние немаме повеќе години за губење, рече тој.
Мицкоски порача дека на народот му се потребни резултати веднаш, во моментот што го живееме, а не некакви ветувања од кои оваа генерација нема ништо корисно да ползува.
-И ако го бараме одговорот на прашањето, зошто за 30 години непостигнавме толку многу колку што сакавме како народ и држава, тоа е само затоа што во оваа земја не се ослободи енергијата на индивидуалната интелигенција на човекот во размер поголем од стегите наметнувани од политичарите кои го гушат потенцијалот на нашата нација, со сопствениот егоизам за пари и моќ. Во овој момент слободата и интегритетот на индивидуалецот, и иднината во која веруваме и за која се бориме мора да ги направиме подостапни тука, од кое било друго место на планетата. Цената за таа иднина, и за таа слобода на моменти во историјата била висока, но ние никогаш не сме се противеле да ја платиме таа цена, затоа што се работело за нашето постоење и за работите кои ни биле суштествено важни и нè дефинирале како луѓе на ова парче земја. И тие од власта коишто велат дека живееме во време кога нема херои, кога сакаат да нè направат рамнодушни на сè, да ги убијат нашите емоции, идентитетски специфичности, тие само не знаат каде да погледнат. Затоа што нашите херои не се само живите паметници и ридовите на Мечкин Камен, или гробовите на Делчев и Карев, или гранитниот споменик на ослободителите на Скопје, или жртвата на Корчагин. Тие се само еден дел од цената која била платена за нашата слобода, истакна тој.
Мицкоски посочи дека во оваа кампања запознал многу современи херои за кои рече дека “ја водат и нашата битка од која треба да земеме пример и пред чие дело јас како човек се поклонувам“.
-Во скопски Бутел го запознав Мухамед. Неговиот роднина жив изгоре во тетовската модуларна болница. Мухамед ми вели одбивам да верувам дека главниот виновник за смртта на мојот чичко е само струен кабел, но немам ниту бес во мене, ниту барам одмазда за Филипче, или кон кој било друг бирократ поради чие отсуство на одговорност повеќе го нема мојот чичко. Нивната оставка нема да ми го врати неговиот живот, но првенствено што ми е важно е да се знае вистината, не за да има некаква политичка жртва, туку за да не се повтори на нечиј друг чичко, татко или роднина истото. И Мухамед не бара многу од државата, парче достоинство за него и за неговото семејство, тој ја сака вистината и неговото барање значи да спаси други животи во иднина. Вториот херој е малиот Бојан, кој живее во подножјето на Скопска Црна Гора. Откако го сретнав, на митингот во Гази Баба секогаш кога ќе погледнам низ прозорецот кога врне дожд помислувам на неговата судбина. Секој ден Бојан патува по два километри до неговото училиште. Пешки со ранчето на грбот. Претежно по каллив пат, неасфалтиран, а многу често вели кога ќе дојде зима, светлото е реткост по бандерите. Бојан живее на само 7 километри воздушна линија од оваа моја говорница, во центарот на градот. Тука до ова плато блиску е Владата, подолу на Водно е владината резиденција каде престојува премиерот. Таму има светло, асфалтирани булевари, внатре персиски килими, затоплување. Кај Бојан, на само 7 километри од тука нема ништо од ова. Нема асфалт, нема светло. Не знам дали има и канализација или водовод. Ама кај Бојан има надеж и челична волја да успее. И Бојан победува секој ден, и го носи нашиот товар како општество кое не успеавме да овозможиме еднакви услови за развој. Затоа Бојан е мојот херој, херојот поради кој вреди сето ова. Поради кој имаме обврска да успееме, да победиме и да донесеме иднина и за него, и за сите млади луѓе кои заслужуваат надеж, шанса и среќа. Ние мора да воочиме дека ниту едно оружје на светот, не е толку за застрашувачко како волјата и моралната храброст на слободните индивидуи, на луѓето кои се хероите на нашето време поради кој мораме да го менуваме системот. Хероите се луѓето од секојдневието, нашите соседи, пријатели, познаници, луѓето кои не ги познаваме, но имаат срце за оваа земја и нивната надеж која нема да ја разочараме. Ние ќе се жртвуваме за нив, ние нема да се предадеме, ниту сега, ниту некогаш во иднината. На таквите луѓе им ја должиме ЕУ, му ја должиме и на Мухамед, и на Бојан, безусловно. И тоа мораме да го направиме брзо, и ќе го направиме. Тие луѓе се нашите херои, поради таквите луѓе влегов во високата политика, и поради нив ќе се борам, и поради нив заедно со вас ќе победиме! Ќе победиме за да им се оддолжиме на хероите на новото време, тоа се луѓето на нашата Македонија, порача Мицкоски.
„Кога гледам каква надворешна политика водат, човек срам го фаќа. Она чувство кај човек кога ти е срам поради туѓиот срам. И мака и јад во душата кога гледаш дека тие кои треба да ти ја претставуваат земјата, дома ти глумат Европејци, а надвор пазарџии.
На нашите соседи им должиме искрен однос, искрена желба за градење на пријателства кои мора да се на принципот на реципроцитет, и взаемно почитување. Нема почит за тие кои не нè почитуваат, но ќе има подадена рака, за тие кои подаваат рака за пријателство. Треба да се заборават подметнувањата, договори кои се потпишуваат на слепо за да се спасат десетина кариери, како таа на Заев, затоа што јас и луѓето околу мене никому не должат освен на својот народ.
На хероите кои се обични луѓе им должиме и борба за нивниот стандард. На половина милион луѓе кои и денес живеат со по 150 денари на ден им должиме борба за нивниот стандард.
На семејствата кои по продавниците денес плаќаат поскапо масло за јадење, брашно, бензин, шеќер, сол, мора да им обезбедиме заштита на нивниот стандард.
На младите мора да им обезбедиме шанса за развој, за квалитетно образование, пристојна работа, сигурност.
За целиот народ – еднаква грижа од државата, наспроти сегашните поделби и конфликти. Рушење на стереотипи, бариери. Да покажеме дека нашите разлики не се по етничката припадност, по тоа дали живееме на левата или на десната страна на градот, дали одиме во црква или во џамија, туку да сфатиме дека сите нас нè држат во оваа состојба алчните луѓе за власт, моќ и привилегии. Сите ние драги пријатели, сите ние имаме повеќе заеднички работи, од разлики. Заеднички ни е сонот за подобра држава, за ред и поредок, за подобар живот, за посветла иднина.
И вечерва сакам нешто да порачам. Не видовме програма кај тие од власта, туку само памфлети, лажни ветувања и удирања во гради. Ние на овие избори одиме со прецизна програма и со многу проекти и за Скопје и за секое населено место. Но сакам да ви ветам и нешто лично, ви ветувам дека нема да ве разочарам и нема да заборавам на ниту една работа која ја говорам вечерва, како што безброј пати тоа го правеле многумина политичари сега и порано. Ви ветувам дека ќе го вратиме достоинството и насмевките во Скопје и во нашата Македонија. И дека по 4 години ќе дојдам тука со гордо крената глава и заедно ќе зборуваме за новата иднина која ќе ја донесеме. Го имате мојот збор“ – посочи тој.
Мицкоски порача дека Скопје заслужува градоначалник кој ќе гледа на градот како на свој дом, а не човек преполн со неоправдана ароганција, самобендисаност чија неработа само ги продлабочува проблемите.
-Денес Скопје е замрено, со Скопје се експериментира. Шилегов на градот гледа како на банка од која се печали за уште некоја куќа, некој стан или зграда повеќе на личното конто. На овој град не му треба Шилегов, а гледаме дека на Шилегов и те како му треба Скопје, и само затоа што без него нема да има повеќе лукративни бизниси и имот кој се дуплира секоја година повеќе. На Скопје му треба работник, човек кој е спротивност на тоа што е Шилегов. Ветуваа многу и излажаа. Ќаруваат и од асфалтот со кој ги крпат дупките, затоа што цените им се двојно поголеми. А, најгласни беа кога велеа дека нема да се гради повеќе неплански и дека ќе имало мораториум. Не е невозможно да се сопре пренагласената урбанизација и зградите кои никнуваат сè повеќе, потребно е само да се разбие пактот меѓу криминалните структури и политичарите, кога криминалците веќе нема да бидат едно исто со политичарите кои за пари им овозможуваат привилегии на првите, таа комбинација е погубна за народот чиј епилог го гледаме секој ден во бетонот кој се издига. Данела Арсовска не е политичар, и никому не должи, и нема потреба да станува успешна преку функцијата на која претендира. На градот му е неопходен менаџер кој ќе решава проблеми, а не градски татко кој ќе ги става под тепих. Данела е гласот на независните луѓе, но и човек кој знае да обединува од сите партии, од сите групации, но и да предводи. Заокружувањето на бројот 82 на гласачкото ливче за градоначалник на Скопје ќе значи поддршка на Данела за Скопје, за градоначалник кој ќе создава модерен град, град кој ќе биде поврзан, кој ќе комуницира, и кој ќе биде средиште на настани и случувања. Советничката листа во Скопје ја предводи професор доктор Трајко Славески под бројот 7, искусен човек, докажан професионалец, кој со Данела ќе бидат одличен тим и добитна комбинација за развој на градот. За Скопје кое е поврзано, за Скопје кое е зелено, кое има модерни сообраќајни решенија, почист воздух и запрена бетонизација. Се бориме за модерно Скопје и резултати кои ќе дојдат брзо и сигурно, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача:
„Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт. Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта.
Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 52 месеци по ред. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени?
Затоа се обраќам до народот на Македонија, до Македонците, се обраќам до Албанците, до Турците, се обраќам до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците, до мажите и жените на нашата Македонија, од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија.
Најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.Тоа се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите. Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца. Гласот на тивкото мнозинство е гласот на разочарaниот работник, на револтираните млади, на тие кои имаат своја компанија и се борат за дневен опстанок на компанијата која им е сè и за која вложиле сè; на угостителите со кои експериментира оваа власт, на работниците по скелињата, на таксистите по улиците, на просветните и културни работници, на актерите кои сонуваат за големи улоги и полни театри. Тоа е гласот и на музичарите, уметниците, на убавите луѓе во нашите градови. Но и селата, земјоделците, тој работен и правичен народ кој гледа и слуша сè. И сиве овие луѓе на нашата Македонија мора да знаат дека новата иднина зависи лично од нивниот глас. Гласот на тивкото мнозинство со кој победува надежта и заедничката среќа. На 17-ти октомври излезете и поддржете создавање на нова иднина. Време е за вашиот глас, за Македонија.
Ги повикувам разочараните, оние кои си бараат причина да не нè поддржат, но и кои сигурно имаат оправдана причина да бидат незадоволни. Никогаш не рековме дека сме безгрешни, ниту пак совршени. Ако го барате моето извинување, јас никогаш не сум го криел тоа. Како човек, оние пријатели кои добро ме познаваат ми велат емпатичноста кај мене е маана, но јас сум така воспитани немам намера да се менувам и не мислам дека треба да престанам да подавам рака. Време е овој пат да ги оставиме сите наши разлики и да излезете на гласање бидејќи секој глас е потребен, затоа што вашето игнорирање значи глас за Заев кој ќе помисли дека сè му е дозволено и дека може сè да направи.
Барам поддршка и од оние кои планираат својот глас да го дадат за условно речено помалите партии. Така само се разделува опозицијата, и не бидете сигурни дека секое отстапување надвор од ова здружено блоковско настапување против власта не е уште еден голем експеримент кој е инвестиција на Заев за ситнење на отпорот, само за да купи уште еден месец повеќе за тендери и власт. Затоа добро измерете, добро проценете дали вреди да инвестирате во нешто што знаете дека нема да ги оправда вашите очекувања. Ад хок партии кои се создадени да ловат, да го ловат вашето незадоволство и разочараност и да си играат со емоциите на народот, преку испади и трикови кои не можат да донесат реален прогрес. Тоа се екскурзијанти во политиката. Ова за нив е хоби и уште една тезга, а за вас и за целиот народ се работи за вашиот живот. Поддржете нè, затоа што ние ќе застапуваме тоа што вас ви е потребно, а тоа е вашиот глас, и така ќе има вашиот глас најголема гласност.
Барам поддршка, да излезат и да гласаат тие кои во минатото бојкотираа, оние кои не планираа досега да гласаат за ниту една партија. Не дозволувајте да пропадне вашиот глас. Никогаш, никогаш неодговорната власт не е само последица на лошите особини на челните луѓе и првенците на власта, туку и игнорирањето и незаинтересираноста на добрите луѓе да учествуваат во политиката, тоа се луѓето кои одбрале да молчат кога требале да викаат. Затоа овој пат имајте свој став и излезете на гласање. И сакам да знаете една работа, дека не сме исти. Таа фраза е создадена од власта за да ве направат индиферентни, а од таквата незаинтересираност власта само печали и создава повеќе причини да се раскомотува со криминалот и нечесната заработка на вашиот труд. Не сме сите исти, и не сум ист со оние против кои се борам. И треба да бидеме свесни дека останувањето дома скоро никогаш не вродило со плод во минатото, и дека неискажувањето на ставот нè прави помалку одговорни за сите работи кои нè допреле изминативе 30 години. Затоа што години од денес, не е сеедно кога нашите деца ќе прашаат на чија страна сме биле кога се носеле одлуките.
Ја барам поддршката и од Македонците, и од Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците. Заев иако се фали дека овие гласови ги има во џеб, тоа се слободни идивидуи, кои имаат свој став. Не верувајте во лагите на Заев со кои сака само да ве одврати од поддршката на нас кои носиме промени. Нашата борба е да уриваме ѕидови кои нè раздвојуваат, ние кои израснавме на овој асфалт едни со други никогаш нема да кренеме рака едни против други. Да им покажеме дека сите заедно сме сопственици на своите судбини, и дека ниту една власт ја нема во џеб вашата волја. Доста беа лаги и измами, ајде да работиме за иднината. Да се оттргнеме од коалицијата на бандитите и политичарите, да направиме коалиција на народот против бандитите.
Ја барам поддршката и од оние кои традиционално гласале за СДСМ но си ја сакаат Македонија и Македонија и длабоко во себе знаат дека со Заев нема иднина. Знаат дека гласот за Заев е глас и за срамот кој ѝ го носи на Македонија, и глас за криминалците околу него, сеедно дали е батето или некој друг од тоа опкружување. Таа партија сега им припаѓа на триесет до четириесет луѓе кои ги ползуваат придобивките од власта и неколкумина климачи околу нив. Затоа не гласајте за Заев и казнете ги политиките кои ни носат порази и ни ја одземаат колективната иднина.
Барам поддршка и ги повикувам да излезат да гласаат оние на кои црвената и црната боја им се во срцата. Истите оние кои ни замеруваат понекогаш дека сме млаки, недоволно остри, дека попуштаме. На овие избори сите ние имаме заеднички противник, името му е СДСМ и Зоран Заев, со кого секој ден Македонија ја има сè помалку. Македонија и мене и вам ни е најважна. И знајте дека ВМРО и Македонија секогаш биле сопатници низ времето и сè додека го чуваме огнот во нашите срца, ќе дојде време и за поголем пламен од кој Македонија ќесе врати“.
Мицкоски истакна дека историјата е е најдобар учител доколку правилно се ползува.
„Џон Квинси Адамс велеше – Потомци, никогаш нема да знаете колку ја чинеше мојата генерација да ја обезбедиме вашата слобода. Се надевам дека добро ќе ја искористите и ползувате.
Во нашата Македонија и во нашето Скопје се вградени генерации кои се жртвувале за нашата слобода, но секој еден од нив вградувал и дел од своите надежи, од своите очекувања. Од своите соништа.
Ние подеднакво имаме долг кон тие генерации кои оставиле трага, но и кон нивните соништа и надежи кои мора да ги реализираме со подеднаква посветеност, но и сите заедно денес создавајќи заедничка нова иднина. А, новата иднина се заедничките победи и заедничкиот патриотизам. Тоа се нашата визија и шанса да го извадиме општеството од летаргијата во која е навлезена. Заедничкиот патриотизам го должиме на нашите предци, но и на идните поколенија. Заедничкиот патриотизам е да имаме општество во кое ќе се почитуваме, во кое зборот ќе вреди, во кое ќе има натпревар на идеи и компетенции. Општество во кое политичарите ќе се оттргнат од дамката која ја носат, од кредото кое сега го осипува како некарактерни крадци на колективните судбини. Заедничкиот патриотизам е работа и проектите кои мораме да ги направиме, изградениот пат, новиот парк, светлото и асфалтот кој му требаат на Бојан, вистината која му ја должиме на Мухамед.
Затоа да се бориме за иднината. Иднината во која веруваме, таа е надежта за подобро утре, за посигурно општество. За заедничка победа. За надеж која ја заслужуваме. 17-ти октомври е датумот кој е одговорот на сиот ваш бес, време во кое вие се прашувате како ќе биде наредните четири години.
Затоа драги пријатели ве повикувам на 17-ти октомври да излеземе сложно, обединети како никогаш досега и заедно да победиме. Заедно да победиме!
Ајде да покажеме дека можеме, и дека промените не се ништо друго туку вашата сила и волјата на Македонија. Незапирлива енергија која ќе донесе надеж и иднина.
Да гласаме за бројот 7, за победниците во скопските општини, за победничките листи во Скопје и низ Македонија. И да гласаме за 82 за новиот градоначалник на Скопје, Данела Арсовска“- заклучи тој.