Мицкоски: На сите нивни поделби, афери, скандали, потценувања, криминали, пакости да одговориме едноставно со масовна излезност на овие избори

Аеродром заслужува промени. Не ги гласајте кандидатите од власта кои личат јајце на јајце. СДСМ тука ви ветуваше нова гимназија, затворен зелен пазар, нова амбуланта во Лисиче, културен центар и нели аеро-аеро ќе го чистеле воздухот. Четири години потоа ви покажуваат лакти, зошто не може да се пофали со сработеното, додека оној Цанде ли се викаше, или така го викаат дете на олигархијата, го нашле и градоначалник сакаат да го прават, имал многу пари украдено на времето па градоначалник ќе го правеле, така било тоа, градоначалник ќе го правеле. Се смее на лактите зошто кога Заев кажува смешки сите мора да се смеат, па дури и тогаш кога му се чудат на умот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг пред граѓаните во општина Аеродром.

Мицкоски ги повика граѓаните да излезат масовно на локалните избори и да гласаат за број 7 за Тимчо Муцунски, Дејан Митевски, Трајко Славески и 82 за Данела Арсовска, односно како што рече тој на сите нивни поделби, афери, скандали, потценувања, криминали, пакости, да одговориме едноставно со излезност на овие избори.

-Затоа не им верувајте на лагите и ветувањата кои ги кажуваат без програма, верувајте на луѓе кои имаат програма, визија и цел и излезете на 17ти октомври заокружете го бројот 7 за Тимчо Муцунски, Дејан Митевски, Трајко Славески и 82 за Данела Арсовска, рече Мицкоски.

-На сите нивни поделби, афери, скандали, потценувања, криминали, пакости да одговориме едноставно со излезност на овие избори. Постојат луѓе кои иако не го кажуваат гласно своето мислење, имаат свои ставови појасни од сите други. Тие не викаат, не се гласни, но нивната сила е најголема. Тоа е гласот на тивкото мнозинство кое овој пат одлучува. На тие луѓе им е смачено од политика, од ветувања кои не се исполнуваат, од чекање кое никогаш не завршува, тие се силата промените. Твојот глас одлучува. Излези и гласај за себе и своите најблиски,  повика Мицкоски.