Мицкоски на средба со директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со Даниел Браун, резидентен директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија.

Мицкоски изрази благодарност за искрената и посветена поддршка од страна на Фондацијата Конрад Аденауер за ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека КАС од отсекогаш била искрен и посветен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Мицкоски истакна дека со поддршка и преку настани и проекти од Конрад Аденауер поминале цели генерации на политичари на ВМРО-ДПМНЕ, со надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, преку заедничко делување и организирање на соработки, градење на капацитетите на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, пратениците во македонскиот парламент, младите и жените во рамки на партијата.

На средбата соговорниците разговараа и за актуелната политичка состојба, лошата економска ситуација, сиромаштијата со која се соочуваат граѓаните, високиот степен на криминал и корупција од високи владини функционери како и лошото менаџирање на власта со државата.

Мицкоски нагласи дека ненавремената реакција од страна на владата во однос на помош кон граѓаните и стопанството дополнително ја влошува економската криза, укажувајќи дека се случува целосен економски колапс.

Претседателот Мицкоски истакна дека единствен излезе од ваквата лоша состојба се организирање на предвремени парламентарни избори каде што на вистинските места ќе дојдат вистински луѓе кои што ќе работат исклучиво во интерес на граѓаните за подобрување на животниот стандард и обезбедување на подобра иднина за сите граѓани.

Соговорниците се договорија за понатамошна интензивна соработка и продлабочување на односите.