Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски денес (16.10.2020) оствари средба со хрватската амбасадорка во Македонија, Нивес Тигањ. На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, но и здравствените предизвици предизвикани од пандемијата предизвикана од Ковид-19.
Од страна на претседателот Мицкоски на средбата беше потенцирано дека власта нема капацитет и не знае како да се справи со пандемијата, а поради тоа Македонија секој ден бележи нови црни денови и стана лидер по морталитет на милион жители во регионот.
Мицкоски истакна дека покрај тоа владата предводена од СДСМ нема способност ниту план да се справи со економската криза, а како резултат на тоа над илјадници граѓани ги губат работните места, бизнисите се затвораат, а нови инвестиции нема ниту на повидок.
Претседателот Мицкоски укажа и на извештајот на Европската Комисија во кој се нотирани слабостите, но и злоупотребите на механизмите и институциите од страна на власта. Беше посочено дека ЕК забележува дека власта не се справува со корупцијата која е навлезена во секоја пора од општеството.
Мицкоски нагласи дека во земјава е нарушено владеењето на правото, се злоупотребува европското знаменце, како на пример за законот за марихуана, додека криминалот и немањето на одговорност за застапени како никогаш досега.
На средбата од страна на Мицкоски беше потенцирано дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има идеи и мерки како Македонија да се справи со здравствената и економска криза, но и останатите предизвици кои не очекуваат периодов. Мицкоски додаде дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се јасни и конкретни и можат Македонија да ја вратат на вистинскиот пат.
Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ се заблагодари за коректната соработка со амбасадата на Република Хрватска и посочи дека пријателските односи ќе продолжат и понатаму.