Основниот граѓански суд во Скопје ги усвои тужбите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за клевета. Мицкоски на суд ја доби правната битка против СДСМ и Љупчо Ристовски од Интегра.
Во судската пресуда за случајот против СДСМ, судот пресудил дека партијата на својата официјална страница, а пред пошироката јавност со намера да нанесе штета на честа и угледот на тужителот изнел невистини факти дека „Мицкоски му е вечен должник на Груевски. Тој мора да го штити и прави онака како што сака Груевски. Политиките на Мицкоски се политики на Никола Груевски.“
Судот утврдил и дека СДСМ го навредила Мицкоски со изнесување невистини и нарушување на угледот и честа со изјава дека „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор.“
СДСМ изнела невистини и со изјавата дека „Во 2015 година, Груевски му доделил на Мицкоски и неговата фирма „Енерготек ДОО“ 33.000 квадратни метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали. Фирмата е 99% сопственост на Мицкоски, а не 7% како што ја лаже јавноста.“
Покрај добиената тужба поднесена против СДСМ, Мицкоски по судски пат за клевета и навреда го доби и Љупчо Ристовски од Интегра.
Судот утврдил дека тужениот Ристовски со цел да го наруши угледот на Мицкоски изнел невистини дека ВМРО-ДПМНЕ и лидерството било против македонските национални интереси.