Мицкоски на суд ќе бара Петровска да ја докаже објавата дека „нарачувал убиства“

Премиерот Христијан Мицкоски, ќе поднесе тужба против поранешната министерка за одбрана и неуспешна кандидатка за претседателот на сега опозициската СДСМ, Славјанка Петровска, по нејзиното обивинување дека тој извршил убиство.

„Не ѝ е првпат на Славјанка Петровска да нанесува удар на мене и моето семејство. Таа мене, за жал, монструозно ме обвини. Тоа јас го составам на нејзината чест и совест. Не сакам да навлегувам во длабочината на нејзината мисла. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба бидејќи би сакал органите, судот, докрај да го расветлат ова, да видат со какви докази располага Петровска, дека јас сум нарачувал убиства. Јас имам семејство, тоа фунцкионира низ градот. Не би сакал да се најде во непријатна состојба, бидејќи би рекол, одредени политичари се обидуваат да спечалат некој политички поен“, рече Мицкоски.

Според него, ова нема да ѝ е прв и последен пат на Петровска за вакви напади. Очекува во судска постапка да се докаже сето тоа.

Славјанка Петровска на својот фејсбук профил утрово објави фотографии од премиерот Мицкоски заедно со Борис Мутков – Фантом, кој според Петровска е лик познат во подземјето. Таа вели дека вчерашната престрелка во Сингелиќ е всушност „испраќање порака кој е кој“ токму од Фантом. Петровска тврди и дека братот на Фантом е дел од обезбедувањето на Мицкоски.

„Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицковски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор. Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје“, напиша Петровска.