Мицкоски: Најважно е да има избори час поскоро и оваа власт на ДУИ поддржана од СДСМ да биде поразена

 
За мене најважно е оваа влада да биде поразена на избори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар во однос на шпекулациите дека последните месеци ќе има Албанец за премиер.

Мицкоски потенцираше дека не навлегува во договорите на СДСМ и ДУИ, но доколку се оди според законот, тогаш премиер последните месеци во техничка влада треба да биде од редовите на најголемата владејачка партија а тоа е СДСМ.

„Не навлегувам во договорите кои што ги има ова парламентарно мнозинство пред да се случи оваа влада која беше избрана 2020 година. но, законот е јасен. Законот вели дека мандатарот на техничка влада го предлага владејачката најголема партија, сега ако СДСМ и Ковачевски одлучат да го отстапат тоа место на ДУИ тоа е негова работа и тука не можам да се мешам, ниту пак имам бројки за да се мешам, бидејќи тоа е негова одлука, не е моја одлука. Ако го читаме законот премиер треба да биде од редовите на најголемата владејачка партија, во случајот тоа е СДСМ. Дали тоа така ќе биде и што ќе се помеѓу нив, јас не знам. Но, тоа е секундарно прашање“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски примарно прашање е што побрзо да има предвремени парламентарни избори се со цел владата на ДУИ поддржана од СДСМ да си замине.

„Примарно прашање е час поскоро предвремени парламентарни избори и владата на ДУИ поддржана од СДСМ да си замине“, порача Мицкоски.