Мицкоски: Народот сѐ потешко живее, а власта покажува политички мускули и не ги прифаќа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на даноците

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан за став околу секојдневното покачување на цените на бензините и најавеното покачување на цената на струјата истакна дека огромно мнозинство граѓани сѐ потешко живеат, а власта за жал политички покажува мускули удирајќи директно по стандардот на граѓаните и не ги прифаќа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата и даноците.

„Нашиот став по тоа прашање е дека народот сѐ потешко живее и гладува би рекол. Огромно мнозинство, стотици илјади наши сограѓани гладуваат. На ова предупредувавме подолг период, но за жал од страна на оваа неодговорна и криминална влада немаше никакви вистински и сериозни мерки за да се спречи сето ова. Поднесувавме и закони во Парламентот за намалување на акцизата, даноците итн, но сето тоа беше одбивано од страна на оваа самобендисана влада која што за да ете политички покаже некакви мускули удира директно по стандардот на граѓаните и затоа јас реков еве дајте ги вие тие предлози“, истакна Мицкоски.

Тој уште еднаш ја повика Владата да покаже одговорност и да предложи намалување на даноците, а ВМРО-ДПМНЕ безусловно ќе ги поддржи во Парламентот тие закони со кои ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните.

„Нека поттикнат од Владата, таа нека ги намали даноците, таа нека ја намали акцизата и таа нека профитира, ако мисли дека на тој начин ќе профитира и ние ќе ги поддржиме безусловно во Парламентот. Така што очекувам одговорност, очекувам зрелост од страна на Владата да седнеме заедно да ги поддржиме овие закони со кои што практично ќе се подобри квалитетот на живот на нашите сограѓани“, потенцираше Мицкоски.