На овие избори народот јасно кажа каква е политичката реалност во Македонија, а тоа е дека Владата односно двете партии од Владата треба да заминат во опозиција. Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на Стево Пендаровски и Коалицијата која што го подржа Стево Пендаровски во првиот круг имаат 183.000 гласа разлика. Нешто што досега во македонската историја, во демократска Македонија не се случило да кандидат од опозиција да има таков силен резултат, и тоа е јасна порака на народот дека се потребни промени, истакна во вторникот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето од предизборниот собир во радовишко Конче.
Мицкоски истакна дека првиот круг од претседателските избори и големото водство на кандидатката на ВРМО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давково покажал дека народот се обединува околу промените.
„Од друга страна, ги слушате пораките од Мала Речица, од ДУИ, тие велат дека требало да се слуша народот. И да – ние го слушаме народот, народот и во тој случај донесе правилна одлука и испрати јасна порака дека Гордана Силјановска Давкова, Коалицијата ‘Твоја Македонија’ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има за 20 отсто повеќе гласови отколку што имаат двајцата владини кандидати, а тоа се Бујар Османи и Стево Пендаровски заедно. Односно 363.000 наспроти 301/302 илјади, колку што имаат заедно“ рече Мицкоски.
Посочи дека пораката од граѓаните е јасна, правецот по којшто треба да се движи Македонија е јасен и порча дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата повикуваат на уште поголема поддршка од граѓаните во вториот круг.
„Заедно да ја завршиме историјата која што ја започнавме уште пред неколку години односно пред 30-тина месеци за време на локалните избори кои што се случија во 2021 година“, повика Мицкоски.
Посочи дека за ВМРО-ДПМНЕ најважна е поддршката од народот.
„Време е заедно со вас граѓаните да ставиме точка на оваа историја, бидејќи таа точка ќе ја определи траекторијата по која што ќе се движи Македонија – дали Македонија ќе биде горда, достојна, трансформирана, онака како што сите ние сакаме да ја видиме нашата држава, или ќе биде ограбена, обесправена, понижена, омаловажена како што беше досега изминативе шест ипол години“, додаде Мицкоски.
Посочи дека според резултатот од првиот круг на претседателски избори е јасно по кој пат граѓаните одлучија дека треба да се движи Македонија.
„Мојата порака е до нашите сограѓани Турци, знам дека овде Бујар Османи освои 100 гласа и знам дека прилично беа активни некои од функционерите на турската партија овде во општина Конче, и ги бараа гласовите за Бујар Османи. Јас ќе споделам со вас нешто коешто не сум го зборувал досега но мислам дека треба да се знае, а тоа е следново: претседателот на турската партија којшто подоцна заврши во прегратките на Али Ахмети, пред да заврши таму беше кај мене. И кога дојде кај мене ми рече претседателе доаѓам од средба со Али Ахмети и сакам да знаете дека на тој човек му треба медицинска нега, тој е ваков, таков, почна да го навредува и да користи недолични зборови“, рече Мицкоски.
Додаде дека му се заблагодарил на средбата и веќе никогаш му се нема јавено за да разговараат.
„А, следниот ден од медиумите прочитав дека тој отишол во прегратките на овој за кој што велеше дека му е потребна медицинска нега. И таму потоа продолжи да функционира како политичар“, појасни Мицкоски.
Мицкоски вети дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе направи се за да криминалците одговараат.