Мицкоски не гледа причина за натамошно учество на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека не гледа причина за натамошно учество на пратениците од партијата што ја предводи во Парламентот поради отстапувањето од политичкиот договор денеска да биде распуштено Собранието.

-Навистина не ја гледам повеќе потребата од учество на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Во текот на денов ќе имаме Извршен комитет, ќе разговараме на оваа тема и јавноста ќе биде навреме информирана за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска Мицкоски на новинарско прашање што ќе преземат со огледе дека не е прифатено нивното барање законодавниот дом да се распушти денеска.

Мицкоски порача дека не треба да се отстапува од постигнатиот политички договор за термините за распуштање на Собранието и за избори.

Во однос на предлогот од премиерот Оливер Спасовски за разрешување на министерката за труд Мизрахи, кадар делегиран од ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада, апелира на разум и достоинство. Смета дека тоа се политички маневри и предупредува дека може да ја однесат државата во тешко политичко сценарио.

–  Не е добро, ниту за државата, вака по пат на насилство да се туркаат работите. Политички договор постои и тој треба да се почитува. Имаме 60 дена до денот на гласање, колку толку барем да имаме елементарни услови за пристоен изборен ден на12 април, рече Мицкоски.