Имавме исклучително квалитетна и плодна средба со регионалната стопанска комора во Прилеп. Разговаравме за сето она коешто е потребно, а кое за жал во минатото како да воопшто не се реализирало или бавно се реализирало. За време на кампањата преземавме одредени, би рекол обврски и дадовме ветувања дека работите коишто се погрешни и кои се спротивни на интересите на бизнис заедницата дека ние како политичка партија, градоначалникот кој сега веќе е избран ќе помогнеме да се решат во рамки на процедурите и законот, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во продолжение интегрален текст и видео од изјавата на Мицкоски:
-Од ова што можевме денеска да слушнеме е брутална злоупотреба на позициите на определени лица кои се се уште дел од администрацијата овде во Прилеп, посебно во делот на урбанизмот, во делот на градење, легализацијата, нешто што по закон им припаѓа и покрај што постојат реални законски можности, определени луѓе ја злоупотребувале својата позиција од причини коишто ним се познати и не го почитувале законот.
Потоа имаше поплаки во делот на јавните набавки, нешто за што ние како ВМРО-ДПМНЕ и новата администрација овде во општина Прилеп треба да преземеме робусни и итни мерки да се надминат овие проблеми и секој прилепчанец да го добие тоа што му припаѓа по закон.
Не смее да има повластени, сите сме исти, сите ги имаме еднаквите права пред законот и сите ние она коешто ни следува и сето она кое со закон ни припаѓа треба да го имаме. Не треба некој да биде над законот и некој да го злоупотребува законот.
Така што на мое огромно задоволство и во организација на општина Прилеп, заедно со градоначалникот, претседавачот на Советот и двајцата пратеници од Парламентот, можевме од прво лице да слушнеме какви се очекувањата , но и што било погрешно во минатото, не само од оваа администрација која изминативе 4 години буквално ништо не сработи, туку и порано.
Така што очекувам во периодот кој следи, ова што го зборувам пред вас и пред граѓаните да го реализираме и на следната средба да зборуваме за развој и да излеземе од оваа минусна точка и да дојдеме до позитивна нула за да можеме да зборуваме потоа за развој на Прилеп, за отворање на повеќе добро платени работни местам повеќе инфраструктурни проекти, поквалитетно образование.
Очекувам ефектите од овој состанок да веќе до крајот на годината се видат и бидат видливи. Ние продолжуваме понатаму да работиме и со граѓаните низ Македонија но и со бизнис заедницата, заклучи Мицкоски.