Мицкоски: Некој сака да ги продаде болниците „8-ми Септември“ и „Букурешт“?

Синоќа во „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека вредно да се постави прашање е дали некој се обидува да ги продаде болницата „8-ми Септември“ и „Букурешт“, зошто во спротивно не би бил прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ тие да станат Државен ургентен центар.

– Нашиот план со којшто излеговме пред граѓаните на избори во врска со изградбата на новиот Клинички центар, нашиот предлог е да го реновираме постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“, потоа да изградиме една зграда којашто ќе биде пред приватната болница „Жан Митрев“, со која што би ја поврзале „Букурешт“ болницата и „8-ми Септември“, тоа да стане Ургентен клинички центар, е сега прашањето е зошто тоа не е прифатливо, па ве охрабрувам да истражите дали некој можеби се обидува да ги продаде болницата „Букурешт“ и „8-ми Септември“ – праша Мицкоски.

Мицкоски вели дека предлогот е добар и посочува дека добро би било и Тетовската, Штипската и Битолската болница да станат Универзитетски клинички болници, а сето ова би било многу поевтино и побрзо да се направи.

Тој додава дека за истиов предлог разговарал со Заев на средбата, по кој му го побарал проектот, па сè уште чека да види дали власта истиот ќе го разгледа.

– Клиничкиот центар би чинел 6 милијарди денари или 100 милиони евра и би се направил за многу побрз период, додека пак останатите болници би чинеле по десетина милиони евра, тоа е двојно поевтино од она што се предвидува – вели Мицкоски.