Мицкоски Ниедна уцена нека не ја смени вашата одлука да одберете правда за Македонија

На вечерашниот масовен митинг кој се одржа во Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посебен дел од своето обраќање издвои за вработените во јавната администрација.

„Оваа власт неоправдано ја запоставува, игнорира, истовремено и ја притиска. Се однесува нетолерантно, како нешто што природно и припаѓа. Постојано го слушам премиерот како се жали дека била неефикасна, некорисна. Но нејзината ефикасност е толку голема колку што е и ефикасноста на менаџментот во администрацијата. Сите вие вработени сте со име и презиме и имате свое достоинство, чест и углед. Не дозволувајте да бидете застрашувани, не потклекнувајте на уцените и заканите кои знам дека ги имате. Бидете храбри и излезете и гласајте по својата волја. Зад параванот сте сами, и ниту една уцена нека не ја смени вашата одлука да одберете правда за Македонија. Промените доаѓаат, работите брзо ќе се сменат и сигурноста која сега ја немате ќе дојде. Професионалните и добрите работници секогаш ќе бидат дел од тимот кој ќе ги создава и носи промени. Ве молам да ме слушнете, власта е на колена. Зоран Заев клечи и потребно е да го зададеме последниот удар. Ништо не ви можат, дојде денот“, рече Мицкоски.

Опозицискиот челник имаше и посебна порака на оние кои сакаат да ги бојкотираат изборите.

„Сакам да се обратам до оние кои цврсто заговараат бојкот, а кои сепак во своите срца ја носат идејата за Македонија. Ние сме браќа и сестри по нашата кауза, и знам дека имате 1000 причини да бидете разочарани, повлечени, бесни, и не велам дека за се не сте во право, но ви се обраќам искрено, без ракавици, во име на организацијата со историско име и завет ВМРО, имате една причина зошто морате да излезете, таа се вика Македонија. Бојкотот на овие избори знаете дека му помага само на Заев, и тој потајно тоа го посакува и на тоа се надева, и на тоа работи. Некогаш треба да се биде молчалив и да се чека прилика кога треба да се биде гласен, ова е твое време. Сега треба да се биде гласен. Дојдете во нашето семејство, затоа што со нас имате многу повеќе заеднички работи, отколку со оваа однародена власт. Бесот нека не ви биде поголем од љубовта кон татковината, која знам дека длабоко во срцето ја имате. Дојдете заеднички да се бориме против ова зло. Излезете и гласајте, не барам да гласате поради мене или ВМРО-ДПМНЕ, гласајте поради себе и своите семејства. Гласајте поради Македонија“, рече Мицкоски.

Во својот говор пред мноштвото приврзаници на најголемата опозициска партија, како и приврзаниците на другите коалициски партии од опозицијата, Мицкоски се обрати и до припадниците на полицијата и на армијата на Македонија. На припадниците на МВР им посочи да не прифаќаат притисоци и да не одат против својот народ.

„До овие овде со нас чесни луѓе, но и тие што се на терен. Сакале да признаете или не, знам дека ви ги врзаа рацете, да молчите пред криминалците, да ја заобиколувате правдата. Не затоа што тоа го сакате, туку затоа што на тоа ве тераат. Но ве молам од срце, не прифаќајте притисоци, спротивставете се на сите незаконски постапки на кои ве тераат. Не одете против својот народ. Ние сме ваши пријатели, а вие сте чесни луѓе чија судбина е притисната од нечесни раководства на власта. И знам дека и вас ве изневерија. Ве измамија. Нема ништо од новата опрема, од покачувањето на плата, нема ништо од вашите барања.Но, и тоа ќе се смени, ви ветувам. Морате да имате сигурност која сега ја немате. А по промените вие ќе сте најзначајниот дел од алката која ќе мора да донесе правда во Македонија“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски, исто така, имаше порака и до припадниците на македонската армија.

„Вие сте нашата гордост. Секогаш ја имате нашата доверба, а вие враќате со вашата професионалност и сериозна посветеност. Сетете се на заклетвата која ја дававте, и знамето под сонцето пред кое се заветивте дека ќе служите. Македонија е ова. Затоа ајде да одбереме претседател кој ќе биде на вашата страна, кој ќе се бори за подобри услови, повисок стандард и труд кој ќе биде ценет. Ајде заеднички да ја одбереме Гордана Силјановска Давкова,“ истакна Мицскоски.