Мицкоски: Никој нема да не прими во ЕУ ако имаме највисока стапка на криминал, прво да си ја завршиме работата дома па ќе бидеме посакуван партнер на ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за хрватскиот весник Вечерњи лист, запрашан дали тогаш знаел дека промената на името нема да биде билет за влез во ЕУ, бидејќи бил против промената, истакна дека поентата на ова прашање била и негова поента во моментот кога се одлучувало за ова прашање, затоа што членството во ЕУ подразбира критериуми и завршување на домашната задача.

„Никој нема да ве прими во ЕУ ако имате стапка на криминал највисока во ЕУ како што имаме, или пак имате бирократија и процедури кои го блокираат работењето на системот. На ЕУ не и требаат нови проблеми за решавање, затоа што имаат доста и од нивните за решавање. Јас велам да ја завршиме домашната работа, тогаш ќе бидеме и посакуван партнер на ЕУ.” – рече Мицкоски.

Мицкоски кажа дека поделеноста во општеството е еден од реалните проблеми и таквите разлики се произведуваат од политичките елити на власта, кои во тоа гледаат начин да владеат со земјата и да го заштитат неказнетиот криминал.

„Се водат  од максимата, раздели па владеј, преку ширење на стравови и невистини за полесно да им врват криминалните тендери, за да државава се клекне на колена економски и енергетски. Луѓето во секојдневниот живот се пообединети од било кога, затоа што споделуваат исти проблеми. Солзите на мајката Македонка, се исти со онаа на мајката Албанка која се двои од своето чедо кое ја напушта државата во потрага по подобар живот. Затоа повикувам на рушење на бариерите, на надминување на вештачките поделби и обединување околу заедничкиот напредок и новата иднина која мора да се случи и само заеднички ќе ја донесеме.” – посочи Мицкоски

На прашањето дали е точно тоа што се зборува во европските кругови, дека партијата е под влијание на Русија, Мицкоски рече дека на тоа гледа како на извесна шега. ВМРО-ДПМНЕ во својот супстрат и историска генеза е прозападна партија, а историската организација ВМРО при нејзиното создавање далечната 1893 година за свој основен фундамент го има создавањето на слободна Република, во времиња кога актуелно во регионот се монархии и кралства. Што се однесува до мене лично, своето образование и мојот работен век меѓу другото го имам поминато низ западните универзитети во Германија и Италија. Така да таа теза за некакви происточни врски е вештачки фабрикувана за да се внесе сомнеж и да се прикрие неработата на актуелната влада.

„Ние односите со соседите ќе ги базираме на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградуваме низ полињата на взаемен интерес на народите, и во нас секогаш треба да гледаат искрен пријател. Ние нема како Заев да пробуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи, и да се служиме со измами и трикови притоа ветувајќи им се и сешто.” – одговори Мицкоски на прашањето кои ќе бидат неговите приоритети во однос на соседите и земјите членки на ЕУ, доколку успее да состави влада или да победи на предвремени парламентарни избори.