Мицкоски: Очекував повеќе труд од комисијата за заразни болести, а не мислење од 4 реченици

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување на телевизија Сител кажа дека очекувал повеќе труд од Комисијата за заразни болести, а не мислење од четири реченици.

-Имаше некои протоколи од Комисијата за заразни болести кои беа од 4 реченици кои во принцип секој граѓанин  знае дека треба да одржува лична хигиена, дека треба да мие раце, дека доколку се наоѓа во затворена просторија треба да има ракавици и треба да има маска на лицето, кога е на отворено треба да  држи дистанца од еден и пол до два метра и таа затворена просторија секој еден час да се проветрува. Навистина јас немам проблем со  кредибилитетот  на луѓето, таму има и медицинско лице кое што е и кандидат за пратеник од СДСМ, која што се потпишала на тој документ, немам проблем со нивниот медицински кредибилитет, но навистина бев изненаден со слабата содржина, истакна Мицкоски.

Мицкоски во своето гостување додаде дека реален проблем ќе има кога ќе се почне со кампања, кога ќе се остварат контакти со луѓето, партиските собирања и нормално е тогаш да се има зголемен број на луѓе кои ќе бидат изложени на ризик.