Мицкоски: Од вчера е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема, нема потклекнување кога е во прашање достоинството и честа на народот и Македонија

Од вчера е совршено јасно дека уставни измени под бугарски диктат нема. И нема ниту да има. Нема потклекнување кога е во прашање достоинството и честа на народот и Македонија“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференцијата.

„Со онаа слика вчера, на уплашени човечиња од власта, седејќи еден до друг, држејќи си го стравот еден со друг, завршува една неславна генерација политичари кои мислеа дека поради личните задоволства и корист можат да бидат над народот и неговите интереси. Тие се и континуитет на една лоша би рекол триесетгодишна традиција во Македонија, на поединци кои во политиката се богатат над грбот на народот, на напатениот народ и да го распродаваат додека го убедуваат дека го спасуваат. И ова е целата суштина, а се друго е фарса и лажни зборови“, рече Мицкоски.

Нагласи дека вчерашниот ден беше кристално јасен показател за она што повеќе од година дена го говори. Дека се има лош договор еднострано прифатен од власта и дека владата, а со тоа повлекувајќи ја и Македонија ќе удри во ѕид. Од власта на СДС и ДУИ употребија многу лаги, многу манипулации и подметнувања да помине нешто што кај оваа генерација од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту теоретска шанса да помине диктат на штета на македонскиот народ и било што во насока на одрекување на заедничкиот вековен идентитет.