Османи продолжува да не ја говори вистината и да го манипулира народот, бидејќи тоа што го слушаме од Софија е дека сигурно ќе нема преговори. Единственото нешто коешто може да се случи е да се случи прва меѓу владина конференција, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како дел од одговор на прашање за изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во врска со можен договор и почеток на преговори со Европската унија.
За јавноста појасни дека таа прва меѓу владина конференција е фолклор, настан без суштина.
„Ќе се сликаат претставниците на Европската комисија и на македонската влада, и тука завршува се. Нема да почнат преговорите се додека целокупната преговарачка рамка, ние не ја испочитуваме, а во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително и интервенцијата во македонскиот Устав“, рече Мицкоски.
Истакна дека дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни две третини, токму поради тоа што земјата нема никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања меѓу Македонија и Бугарија, и дека до самото членство на Македонија во ЕУ, нема да имаме повеќе вакви хегемонски барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед.
Додаде и дека доколку зависи од министерот Османи, како и од македонскиот и бугарскиот премиер, Димитар Ковачевски односно Кирил Петков, преговори нема да има, ќе има во најдобар случај меѓу владина конференција, настан за камерите и фотоапаратите.
„А преговори ќе има кога ќе бидат исполнети бугарските барања коишто Ковачевски и Османи сакаат да ги прифатат и да бидат дел од преговарачката рамка, нешто на што ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да се согласи“, заклучи Мицкоски.