Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со Стефан Андоновски, советник за меѓународна односи и дипломатија остварија средба со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Џанг Ѕоу.
На средбата се разговараше за односите помеѓу двете држави, актуелната состојба во државата и можностите за соработка.
Мицкоски изјави дека односите помеѓу двете држави се исклучително пријателски, но има простор за дополнително продлабочување особено на полето на економијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја потенцираше заложбата на партијата за отворени економски односи и економска обнова, поволна бизнис клима која ќе ги привлекува инвеститорите од целиот свет.
-Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде фокусирана на економски развој кој ќе придонесе за подобар живот. Сегашната состојба е разочарувачка, ниското ниво на инвестиции, и разорената економија создаваат зголемена сиромаштија и иселување на кое мора да му се застане на патот, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски истакна дека новата Влада ќе вложи напори за остварување на стратешката цел, а тоа е влез на Република Македонија во Европската Унија и забрзана патека по која ќе се движи преку коренити реформи и вложувања.