Мицкоски оствари средба со Бербок: Уставни измени под бугарски диктат нема да има, овој парламентарен состав нема мандат за тоа

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателите Александар Николоски, Гордана Кочоска Димитриевска и Тимчо Муцунски, како и членот на Извршниот комитет на партијата Антонијо Милошоски, во четвртокот остварија средба со министерката за надворешни работи на Германија, Анелена Бербок во просториите на германската резиденција во Скопје.

Од страна на Мицкоски беше посочено дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, и дека овој пратенички состав нема мандат добиен од граѓаните да учествува во таков процес.

Мицкоски беше дециден дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се впушта во таков процес кој го наметнува власта која пак на тоа гледа како начин да купи време и да се амнестира за криминалот кој се прави на дневно ниво.

-Потребни се реални реформи и придвижување на патот кон ЕУ, а не декларативна заложба како што прави власта, посочи Мицкоски.