Мицкоски: Ова не е битка дали сме за ЕУ или против, Унијата е единствениот пат, но не по цена на одрекувања и обезличувања

Лажно е тврдењето на власта и нивното упростување на работите дека од прифаќањето на уставните измени под бугарски диктат ќе зависело дали ќе сме биле за ЕУ или против ЕУ, или како што тие сакаат да ја престават црно бела сликата – дали ќе сме биле за западот или ќе сме биле за истокот. Ова воопшто не е таков избор и ве молам тука и медиумите, новинарите, експертите и целата јавност да не наседнува на оваа бледа манипулација. Затоа што мнозинството на народот и јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ недвосмислено сме за влез на Македонија во Европската Унија, затоа што тоа е нашиот единствен пат. Но не по цена на себе одрекнување, не по цена на диктат кој е Пандорината кутија за идентитетско обезличување и отворање на портата за многу други барања, истакна на денешната прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Додаде дека Македонија не треба повторно да влегува во играта на стапот и морковот без никакви гаранции за влез во ЕУ.

„Не за влегување во повторната игра на стапот и морковот, без било какви гаранции за влез во ЕУ, од кој што земјава ќе го види само стапот, односно уште една блокада. На крајот сите ние веруваме во Копенхашките критериуми, кои сигурно не се, прифаќање на едно лудило од барања на соседната држава, со јасна тенденција да го избрише постоењето и историјата на друга држава. Соседна држава да направи упад во историјата, колективното чувство на друга држава и сето тоа да стане критериум за интеграција на државата во Европската Унија. И сето ова го овозможија оваа власт и овие политичари“, подвлече Мицкоски.