Мицкоски: Ова што денес го бара Бугарија, Заев ветил дека ќе го исполни

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Само интервју“ посочи дека Заев во 2016-тата година има ветено дека се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер.

-Да ви ја кажам вистината, јас сум разговарал лично на оние состаноци со Европската народна партија со бугарски политичари кои што се дел од таа европска партија и тие мене ми го имаат цитирано дека ова што денеска го бараат е практично ветување од Зоран Заев уште од 2016-тата година пред тие избори. Уште тогаш е ветување дека да направам Влада, вие подржете ме, не се секирајте се ќе решиме. Еве ви го кажувам, и тие луѓе сега си го бараат ветеното, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека историчарите се едниот фронт кај што се води битката, тука ја ВМРО-ДПМНЕ ја дава поддршката бидејќи тоа се луѓе од фелата.

-Но ние зборуваме за политичките егзибиции, и политичкиот инженеринг кој што го прави Зоран Заев цело време. Денеска со братко тој и тој, а утре подгответе ја нацијата. Не може така да се однесувате. Тоа не е зрело однесување. Најпрвин ги загрозивте сите шанси Македонија да ја има европската перспектива, а потоа велите вака ќе биде или така ќе биде, не може. Така не се однесува зрел политичар, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека треба да се стави крај на вакво незрело политичко однесување од страна на Зоран Заев, бидејќи тоа не води кон подобра иднина на Македонија.