Мицкоски: Оваа хибридно-режимска власт го дели народот по разни основи, наместо да работи на решавање на реалните проблеми

-Oваа недемократска, хибридно–режимска власт во овие тешки времиња, наместо да се фокусира на реални проблеми на граѓаните, како што е борбата против корупцијата која е исклучително голема, таа го дели народот по разни основи, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски од денешниот настан во хотел Континентал, запрашан за став, по последнитe изјави на владините претставници, дека со гласањето на промена на Уставот ќе се види кој е за ЕУ, а кој е против.

„Од анкетите можете да видите дека таа половина што нив ги поддржува е незначителна, односно помала од 10-тина проценти“, рече Мицкоски кој додаде дека сите гледаме, додека се распродава државата и македонскиот идентитет, не  се престанува со крадење и нижење тендери во четири очи, додека стандардот галопирачки паѓа и граѓаните мака мачат да се прехранат од први до први.

Мицкоски додаде дека ова се суштинските проблеми со кои треба да се занимава една европска Влада, а ние, за жал, имаме хибридно-режимска власт која се занимава со делби на граѓаните на вакви и такви, наместо да обединува и во овие тешки времиња заеднички да ги надминеме предизвиците со кои ќе се соочиме оваа есен, како што се грејната сезона, предизвиците во образование, здравството, економијата и друго.

„За месец дена од денеска, нешто повеќе, ќе почне учебната година, доаѓа и грејната сезона за околу два месеца. Од тоа што можам да го видам, ниту имаат план, ниту имаат визија, но затоа пак имаат план и те како имаат визија за да продолжат да крадат. Ако се тоа европските вредности, тогаш јас би кажал „не, благодарам“ на такви европски вредности. Мене тие европски вредности не ми се познати иако голем дек од своето образование сум поминал во таа Европа“, посочи Мицкоски.