Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција, но не очекувам Конгресот нешто повеќе да смени

Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција, но според почетните имиња кои се брифираат од медиумите не очекувам опозициската СДСМ на Конгресот да понуди нов квалитет на политичката сцена, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.

„Морам да признаам дека и на нас како Влада ни е потребна квалитетна и конструктивна опозиција, но не очекувам Конгресот на СДСМ нешто повеќе да смени. Ќе продолжат лажните клевети, измислици, инсинуации, политика на ниски страсти, дневно политички теми, а не визија за иднината“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешното пуштање во употреба на нова спортска сала во ООУ „Наум Охридски“ во скопскиот село Булачани.

Им препорача да се преструктурираат и реконструираат и програмски и кадровски, но, додаде, од ова што го гледам понудата е тенка, а времето ќе покаже дали сум во право.

„Нивното членство и членовите на Конгресот најдобро знаат што и е потребно на партијата, но моја желба е СДСМ да наликува на конструктивна опозиција која ќе биде додадена вредност и ќе инспирира што е можно повеќе граѓани за следните избори“, порача Мицкоски.