Мицкоски промовираше мега проекти за младите

Надежта е верба во тоа дека, и покрај сите препреки и искушенија, доброто ќе победи, и дека секој кој ја носи во срцето одговорноста за другите, ќе најде сила да го изоди патот на чесноста до крај, рече во обраќањето пред УМС на ВМРО-ДПМНЕ лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:

Моќта е во младите. Енергијата е во младите, иднината е во младите.

Ова се фрази кои секојдневно ги слушаме и кои политичарите најчесто ги употребуваат во своите говори.

Додека размислував за оваа годишна конференција и какви пораки да упатам ваквите фрази доминираа во моите мисли, но добро е да знаеме сите дека овие фрази иако се точни немаат никакво значење ако политичарите од власта се корумпирани, деструктивни и без визија за иднината на државата и не овозможуваат младите да го добијат заслуженото место во општеството преку поттик, мотивирање, законски можности, и преку нивно директно вклучување во носењето одлуки.

Јас сум машински инжинер, своите младински денови ги поминав учејќи, и честопати одев по студентските домови низ Скопје, каде имав свои колеги, другари, надвор од другарите од населба и други социјални кругови. Знам како е да чекаш први да ти испратат пари твоите и за да купиш нова тура храна и средства за хигиена, како е да се собираме по соби на забави затоа што не можеа многумина да си дозволат да излезат во дискотеките, но и тоа има своја убавина и е дел од нашето детство кое нема никогаш да се врати. Верувавме, сонувавме, мечтаевме, се дружевме, необременети од статус или материјални работи, полни со идеали и со наддеж.

И токму таа работа ја оддржуваше мојата генерација, а тоа е мотивот и вербата во идеалите, дека допрва доаѓа нашето време и дека со напорна работа може да промениме нешто.

Зарем не сонувале вака и генерациите од минатото, низ својата борба за подобро? Зарем не ја држеле тие низ своите предизвици идејата за Македонија жива?

Сега дојде нашето време, и сега е време да менуваме. Граѓаните тоа го очекуваат од нас. Дел од тие млади лица се денес со мене во партијата, дел се во други политички партии, дел се иселени од државата, дел работат и се разочарани од политиката и од се тоа што ни се случуваше сиот овој изминат период.

Нашата генерација помина низ бурен историски период. Бевме деца при осамостојувањето и неизвесноста која тоа ни ја донесе, бевме основци и средношколци во таа сурова транзиција кога многумина останаа без работа, родители на мои другари и другарки со кои делев секојдневие, семејства останаа да тонат во сиромаштија, удар кој до ден денес има печат врз судбините на многумина, на моменти имавме чувство некако како да земјава се бореше повеќе со своите внатрешни демони отколку со некои реални ненадминливи препреки, имавме чувство дека повеќе е до нас отколку до другите, но не ретко ќе кажевме судбината си поигрува со нас, државава нема да ја биде.

Дојдоа меѓуетничките предизвици и конфликтот 2001, некои од нас беа доброволци, некои поеднакво загрижени се прашуваа како од оваа земја ќе биде нешто, дали имаме иднина овде. Знам дека многумина од вас се прашуваат такво нешто и ден денес. И најчестиот одговор кај вас е не, многумина се уште мислат дека нема иднина во земјата. Кога ќе се погледнат бројките на над 500 илјади иселени во последниве 20 години, меѓунив огромен број и од другите етнички заедници, и намерно го кажувам ова, за да се свесни и Албанците и сите останати, знам дека ситуацијата е тешка, сложена, разочарувачка. Ние во овие 100 дена се соочивме најдиректно со севкупната реалност, соочување кое ги надмина нашите најголеми стравови и разочарувања, едно е кога гледате околу вас и гледате во реалниот живот што се случува во вашето разочарувачко секојдневие вам или на ваши блиски, но друго е кога ќе знаете дека е така насекаде, и дека така се чувствуваат сите.

Ја знам оваа генерација на млади луѓе која доаѓа, која расте во ерата на технологија и почетоци на вештачка интелигенција, која пркоси и не се задоволува со просечноста, кога го гледа светот, развиениот свет и сака да е дел од него.

Следеа промени во владите со подобри или полоши примери, со надежи, но и со разочарувања, времиња на злоупотреби на довербата, на една промена на личностите во нешто кое ни самите не биле, корумпирани од моќ и желба за пари, алчност, луѓе кои стануваа роботи изолирани од чувства за околината.

Во сето ова време остана да тлее чувството на апатија, потиштеност и разочараност. Имавме многу немили настани кои државава ја тестираа до последниот атом, настани на раб на големи конфликти, поделеност, меѓусебна омраза, надвор од ентичките пропорции, меѓупартиска омраза, гнев, освети, нов раст на криминалот, хаос и опасност од банкроти, насилна промена на име, катастрофални и срамни одлуки на штета на сопствената држава како договори со некои земји, поданички, срамен однос на непочитување на своето, на своите, на сметка на корупцијата и обидот да се допаднат на други. Тешки децении. Многу тешки.

Но внимавајте, таа, Македонија инстинктивно и со помош на народот успеа да продолжи да живее. Жива е Македонија! Таа успеа да ја надмине просечноста и плиткоста на луѓето кои ја водеа, нивните маани, предавства во секоја смисла, морална најмногу, не само во идентитетска, таа успеа да ги надмине и совлада препреките поставувани од секој оној кој свесно или несвесно од дома или од надвор се обидуваше да и наштети.

Таа успеа да живее во сите нас. И тоа е нашиот аманет кој мора да го носиме. Преку нас да живее Македонија. И ние, сите ние заедно, со ваша помош, како иднина на оваа земја, да направиме максимум да продолжат соништата и идеалите кои не водеа нас, и кои мора да ја водат секоја идна генерација.

Зошто го кажувам ова? За да знаат сите дека сите ние оваа генерација сме биле млади и сме се соочувале со проблеми и предизвици барајќи наддеж, и не сме заборавиле од каде сме дошле и за што сме мечтаеле. Ние секако сме се промениле, промените се составен де од растењето на една личност, од созревањето, но нашите идеали, мечти и соништа останале исти.

Да живееме во држава која заслужува да се нарече држава, а не во паланка која се храни од безредие, корупција, тоне во неморал и безизлез.

Ајде, ајде сите заедно да ги направиме заедничките идеали и соништа реалност.

Сега, а не понатаму. Ајде да се обидеме и дури и да не успееме целосно, да знаеме дека сме се обиделе, дека сме се бореле, со нашата борба да бидеме пример и светла точка на оваа генерација, но и светилник на надежта на идната.

Ајде заедно со вас, да се обидеме да ја промениме суровата реалност. Доста беа разочарувања. Доста беше омраза и поделби, доста беше живот неживот.

Ајде со вас, заедно со Македонија да живееме! Да создаваме, да работиме, да креираме иднина, работни места, да ја однесеме татковината во едно ново поглавје на развојот.

Еднаш во една дискусија со еден пријател со кого зборувавме за развојот на државава ми рече твоите размислувања се повеќе за 22 век, дај да го стигнеме 21-виот. Јас му реков, За Македонија да го живее 21 век, мора да е со идеите, темпото, работата во 22-риот век. Толку сме назад од развиениот свет што мора да се прават огромни чекори напред за да се надохнади пропуштеното, за да се стигне реалноста и да се биде во тек со новото време.

Каква е мојата визија за вас, за иднината и за Македонија за која мора да работиме. Дозволете да се обратам на неколку работи кои сакам денеска да се јасни и недвосмислени, а се однесуваат и на актуелната ситуација и на она што ќе следи.

Досега зборував за минатото, ајде сега заедно да ја креираме иднината. Сакам да ја видите истата иднина која ја гледам и јас, за која работам и за која планирам да се борам до крај.

Младите се сила, иднина и нашата надеж, но сето тоа е бесполезно ако ние не им создадеме услови за да делуваат, за да учат, создаваат, да стекнуваат вештини и потоа тие да не водат напред, затоа што како што кажав оваа борба нема да е лесна, и овој пат нема да е без препреки и едноставен. Денеска пред вас, со верба во вас и во сите млади кои се дел од другите партии, но и не се дел од ниедна, со верба во сите вас обзнанувам дека владата ќе поддржи со новиот буџет кој е во изработка ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди за сите, повторувам за сите студенти во Македонија, за сите до еден. Така поттикнуваме млади да имаат пристап до електронски уреди и да го имаат светот на дланка да гледаат, да учат и да се градат како личности, да имаат можности кои во мојата генерација ги немавме, барем не 90 осто од младите.

Владата ќе обезбеди фонд од 10 милиони евра за развој на бизнис за млади од 18 до 29 години со новиот буџет, во зависносст од бизнисот и планот, комисија под строги критериуми во која ќе членуваат претставници на неколку институции, ќе издвојува средства и ќе ја одредува висината на помошта, која ќе биде потоа под строг надзор, дали вистински се трошат средствата за таа намена. Вредносста ќе биде од 1000 евра до 30 илјади евра за проект. Веруваме во вас и во вашиот потенцијал, сакаме да останете тука, сакаме да ни помогнете да ја развиваме државата. Македонија без вас нема да постои запомнете го тоа. Ние сме тука за вас и се што треба ќе направиме за да останете тука и да ја продолжите приказната за Македонија да и го продолжите животот на Македонија. Затоа што јас знам дека таа не се само дрвата, планините, езерата, реките, културните знаменитости, таа се нејзините луѓе. И без луѓе џабе е се. Затоа тука сме и ова е само почеток да знаете. Нема време за изговори и за плукање на минатото, сега е нашата шанса и надеж, и мора сите заедно да ја искористиме и да направиме нешто добро за државата, за да не помнат идните генеррации, тие по нас, и да кажат, имаше една генерација таму, пројде низ многу перипетии, сакаа да ги обезличат, неодговорни политичари пљачкаа, пројдоа конлфикти, поделби, сиромаштија, иселувања, се гушеа во загаден воздух… но ја држеам Македонија во живот, живееја со Македонија и затоа ние денес тука сме свои на своето и веруваме во развиена земја, тоа е нашиот сон. За тоа се бориме, во тоа веруваме и тоа се нашите идеали за кои од почетокот ви зборувам кои не одржуваат во живот.

Следно дозволете да се обратам за неколку теми актуелни од денешницата, политички, верувајте не го правам ова со драга воља, не сакам настан за иднината да го трујам со денешницата. Но, како што младите се нашата иднина, тие истовремено се и нашата сегашност и го доживуваат ова што се случува низ истата призма како што и ние низ неизвеност ја доживувавме нашата сегашност како помлади. Затоа сакам да се обратам до неколку лица, најмногу до оние скептиците кои секогаш имаат да кажат нешто.

Се обраќам до нашата Коалиција, со една реченица – ќе успееме, знам дека е тешко, знам со што се соочувате кога ги гледате институциите во каква ситуација се и државата до кое дереџе е дојдена, но заедно ќе истраеме и ќе успееме. Знам дека верувате во тоа го гледам тоа во вас, имаме важна цел и мора да успееме, заради овие млади луѓе, заради сите млади, заради младите на Македонија од сите етнички, партиски и верски групи, заради сите.

Ќе се обратам и на Али Ахмети, но не на начин на кој тој мене ми се обрати, не така одамна. Реформирај ја партијата. Реформирано ДУИ е важно за татковината. Исчисти ги криминалците од твоите редови, ќе ти помогнеме и ние во тоа. Верувај ми дека ќе ти помогнеме. Ова е наша заедничка татковина. Дали гледаш колку Албанци дневно се иселуваат? Куќите во твојот Зајас зјаат празни. Наместо да се полни со луѓе, со твои соседи, роднини пријатели. За 20 години повеќе од 100 илјади Албанци се иселија од државава. Чија одговорност е тоа? Немам време за јавни надмудрувања, и да си дофрламе преку јавноста и да подгреваме тензии. Имам попаметна работа од тоа. Знам дека на тебе ти одговара да влегуваш во конфликти сомене и со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е дневна теснопартиска политика, дај надмини го тоа. Дајте придонесете со проекти, предлози и јас ви ветувам се што значи прогрес и развој на земјата ќе прифатиме. Не е добро секогаш кога ќе бидете опозиција да почнувате етнички теми, а кога ќе сте власт, тогаш да станувате зелена партија. Албанците во земјава живеат лошо, неспорно дел од Албанците го почитуваат Ахмети, зошто тој е таков како што е изминативе 20 години. Но зошто да не ја заслужи и почитта кај дел од Македонците? Покажи визионерство за некои работи, но треба да покаже и визионерство преку проекти, идеи, натпревар на визии. Треба да покажеш дека ја почитуваш Македонија. Помири се опозиција си, а дел од твоите најблиски соработници треба да се свесни за тоа што го правеа. А за тоа што го правеа има институт кој се вика одговорност. Ти ветив и ти ветувам ќе ти помогнеме да ја исчистите ДУИ од таквите криминални структури.

До опозицијата, до кога ќе бидете заложници на истиот ментален склоп. Ајде заедно да ги надминеме поделбите, и наместо дополнително да го делиме народот, да се обединиме преку дебата за проекти и идеи. Не може се што ќе направиме да не чини. Надминете го тоа, суетите и потребата се да се критикува по секоја цена колку и нешто да е добро и корисно. Еве за почеток поддржете ги меркиве за младите. Понатаму предложете и вие мерки, ако постои можност јас ви ветувам ќе ги прифатиме.

Конечно сакам да се осврнам на прашањето за членството во Европската Унија. Со издвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на пристапување направивте лоша услуга на сите скептици и сите сили кои не веруваат во ЕУ. Ние веруваме во ЕУ. И веруваме во тоа дека членството на Македонија во ЕУ е наш стратешки приоритет. Членството во ЕУ е кохезивен фактор вдолж сите линии на општеството, од етнички, до политички. И недвосмислено сме определени да продолжиме по тој пат. ЕУ во континуитет со вакви потези покажува неправедност кон нас. Иако движењето на Албанија и издвојувањето не значи и нејзино брзо членство во Унијата, нас тоа не ни е прв пат. Бевме во иста група со Бугарија и Романија, потоа со Хрватска, па со Србија и Црна Гора на крај и со Албанија. Јас сум убеден дека ќе се сретнеме пак на тој пак, и тоа им е јасно на сите кои го знаат процесот на проширување и состојбите во ЕУ, но сепак, ние не смееме да дозволиме скептиците да победат и земјата да остане заглавена во геополитичка бесперспективност. Мора членството во Унијата да е живо, процесот да е жив и ние ќе нудиме предлози и решенија за надминување на оваа статус кво ситуација. Истовремено ќе работиме посветено на реформите за членство во Унијата и ќе ја менуваме лошата реалност, тоа е за наше добро и ние сме свесни за тоа. Стравувања дека ова ќе стане заробена држава се беспредметни и дело на внатрешна дневно политичка динамика. На мене лично не ми треба власт по секоја цена, тоа сум го кажал од првиот момент кога станав претседател на на најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ која помина исклучително тешки би рекол ненормални предизвици и борби за да дојде до оваа огромна поддршка која ја има денес. Власт не ми треба. Сакам да променам нешто, сакам да подобрам. Тоа е мојата надеж и мојот идеал за кој зборувам од почетокот на овој говор.

Сакам да потенцирам дека преку разни институционални канали ќе се обратам и ќе работам со Европската комисија и со нашите партнери за изнаоѓање на решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси, а диктати да биде јасно не прифаќам. За овој процес потребно е и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заожници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ! Ние како што споменав планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа. Нема да ветуваме работи кои се неостварливи, но и нема да пропутиме да ја консултираме опозицијата и да побараме поддршка за нашите напори. Сепак целите ни се заеднички и немаме дилема околу тоа. Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвомислена воља за дијалог, реформи и изнаоѓање на решение. Јас сум на располагање за идеи и дијалог и тоа сите скептици треба да го знаат. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провиниенција. Ќе продолжиме напред, се допаѓало тоа некому или не.

Драги пријатели, драга моја генерацијо која е иднина на оваа земја.

Денес сме тука заедно за да ја прославиме силата, енергијата и потенцијалот на нашата младост. Како претседател на Владата, и како сопруг и татко на двајца синови, ја чувствувам одговорноста да создадам подобра иднина за вас, нашата иднина. Во последните години, младите во светот се соочуваат со предизвици кои не можеме да ги игнорираме. Според податоците на Обединетите нации, глобално, 1 до 5 млади луѓе се без работа, кај нас е слично. Ова не е само статистика, ова се судбини, соништа и потенцијали кои чекаат да бидат остварени. Ние не сме тука да констатираме проблеми, туку и да нудиме решенија.

Нашата визија за младите е јасна. Младите се не смао иднина на Македонија туку како што кажав, и нејзина сегашност. Затоа се и програмите и проектите кои ги споменав, а кои ќе ги обезбедиме.

Сите ние знаеме дека иновациите не доаѓаат од изолацијата. Младите мора да бидат вклучени во процесите на одлучување, во борбата за подобра иднина и во создавањето на нови решенија. Американскиот претседател Барак Обама еднаш кажа, младите се моторот на промената. Токму за таа промена ние говориме и денес, и говоревме во кампањата.

Според истражувањата 90 проценти од младите во светот сметаат дека образованието е клучно за нивната иднина. Затоа се и проеектиет кои ги споменав така конципирани, пристап до технологија, едукација и можност за бизнис за младите. Ние ќе се стремиме секогаш да ги поддржиме амбициите на младите, создавајќи можности од секаков тип.

Програмата за млади Младите за Македонија, чиј дел се и споменатите проекти погоре, програма, која институционално и низ реалниот сектор планираме да ја имплементираме ќе отвори многу можности за младите преку разни активности и нивно вклучување во социјални иницијативи и проекти за одржлив развој. Светот е променет. Некои се подготвуваат за преселби на Марс, некои праќаат сонди на месечината, некои создаваат роботи и вештачка интелигенција, живеат во паралелен свет од нашиот полн со предизвици и најбанални егзистенцијални проблеми од типот да не можеш да си извадиш извод од матично и да треба да платиш поткуп од 500 денари за тоа. Светот се дигитализира. Светот оди напред. Ние немаме избор. Или ќе се приклучиме со големи чекори, или ќе не заборави времето.

Вие сте нашата иднина, но и нашата надеж. Вие сте силата на Македонија, а нашата задача како влада е да ве поддржиме и да ви обезбедиме алатки за успех. Заедно можеме да ја изградиме Македонија на нашите соништа. Македонија за која ние од нашата генерација како деца при муабети на клупи, по училници, при секој поголем предизвик, сонувавме дека ќе ја имаме и во која мечтаевме дека ќе живееме.

Време е за конкренти промени. Време е да застанеме заедно и да се бориме за подобра иднина и да создадеме општество во кое сите млади ќе може да напредуваат. Време е за нова ера.