Мицкоски: Разобличена беше лажната вест за „изворот“ на лажните вести од Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во денешното гостување во „Студио 10“ на 24 ТВ коментирајќи ја веста дека е посочен како извор на лажни вести од ЕП, потенцираше дека станува збор за лажна вест од медиумите блиски до Заев, кои три години за да ги покријат грешките на власта растураат пердуви по опозицијата.

Мицкоски појасни дека медиумот кој сензационално го објави тој натпис го прави тоа за секој што ќе прочита да помисли дека некоја влијателна земја е против Мицкоски и со тоа да се намали неговиот потенцијал за иден премиер.

„Второ не го цитира извештајот, а со самиот наслов ве наведува да помислите дека Европската Комисија г-ѓата Фон Дер Лајен е против мене, што е сосема различно од вистината.  Има Комитет за меѓународна политика, за надворешни работи во рамки на Европскиот парламент чијшто претседател е Дејвид Мекалистер со кој во меѓувреме разговарав и очекувам жесток демант деновиве. Во тој Комитет има 75 члена и 74 заменици, било кој член во тој Комитет, може да нарача да се изготви извештај кој што ќе го финансира некоја невладина организација, а ако го забележите извештајот кој е негов уредник тоа е граѓанин на Бугарија на чиј Твитер профил јасно стои на која провиниенција припаѓа и чиј роденден честита и со кои структури кај нас го изработуваат тие една страна и неколку реченици против голем пријател на Македонија, г-динот Орбан и стои одоздоле како и Фејсбук профилот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, без ниту еден аргумент, без ниту еден библиографски факт, без ниту еден факт“, изјави Мицкоски.

Додаде дека во самиот документ стои дека ЕП не ги споделува или не се согласува со ставовите изнесени во овој извештај.

„Истовремено стои дека извештајот не смее да се репродуцира, преведува за да се користи во некомерцијална употреба и истиот е предмет на авторизација од страна на сопственикот, а тоа е Комитет, и разговаравме дали медиумските побарале дозвола од сопственикот бидејќи на тој начин со растурање на пердуви и лажни вести ми е нанесена мене лична штета, и штета на кредибилитетот на самиот Комитет и ЕП“, нагласи Мицкоски.