Мицкоски: Разочаран сум од пратениците кои преку ноќ си го сменија ставот и влегоа во коалиција со Заев

Разочаран сум од судумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои одработија против партијата и државата, тие преку ноќ го сменија личното мислење, рече Христијан Мицкоски посочувајќи дека на дело е „непринципиелна коалиција“ на овие пратеници кои ги поддржаа уставните измени предложени од премиерот Зоран Заев

„Моето предвидување од таа перспектива било погрешно. Очигледно сум се надевал дека во Македонија постои право и правдина, дека судството е независно. Но, видовме дека моите претпоставки не се точни и ќе морам да научам да живеам со оваа слабост во иднина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ гостувајќи на телевизија Алсат-М одговарајќи на прашањето зошто неговите прогнози дека пратеничката група е копмпактна не се реализирале.

Мицкоски додаде: дека токму поради тоа е разочаран од сите седум членови на ВМРО-ДПМНЕ кои постапиле спротивно на одлука на конгресот, на партиска програма на која биле избрани, спротивно на одлуките на партиските тела како Централниот и Извршниот комитет.

„Оваа непринципиелна коалиција на овие седум/осуммина со Зоран Заев претпоставувам ќе креира во рамките на таа група парламентарна којашто ја најавуваат определен документ. Доколку тој документ што тие ќе го креираат и ќе го наречат помирување, навистина дава одговор на сите случаи коишто се подложни на политички прогон, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра македонија во рамките на Собранието, истиот ќе го подржи’“, рече во продолжение Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Патот кон“ на телевизија Алсат-М.

Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ не учествува во комисијата за помирување бидејќи смета дека споменатите пратеници кои се исклучени од партијата се уценети за да учествуваат во оваа комисија со акција која граѓаните ќе ја дознаат за месец ипол до два отсега.

„Има две причини поради која не учествуваме. Едната сме ја кажале и во минатото, а е поврзана со претседавачот на таа комисија, а втората е бидејќи јавноста знае и ВМРО-ДПМНЕ знае дека работата на таа комисија е уценета со една друга акција која треба да следи за месец ипол до два отсега“, додаде Мицкоски.

Според него логично е кога некој веќе се вклучува во политичка партија да ги почитува политиките и одлуките во таа партија, што, како што рече, не беше сучај со седумте исклучени пратеници, а постапија спротивно политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ не е хорско друштво, па секој во различен тон да пее. Е сега кога вие знаете дека има конгресна одлука, којашто дава точна насока како треба да се постапува по прашањето за името, конгресна одлука од Конгресот во Валандово којашто е продолжување на одлуката од Конгресот во Куманово, којашто е продолжување на одлуката од Конгресот во Битола, имате партиска програма со која сте излегле на изборите во 2016 година врз основа на која вие сте го добиле мандатот, имате одлука на Извршниот комитет, имате одлука на Централниот комитет и вие постапувате спротивно на таа одлука“, појасни Mицкоски.

Опозицискиот челник, исто така, оцени дека во политиката и во партиите е многу важно доколку се има сет на документи и серија политики да продолжат да се следат бидејќи на друг начин тие ја ризикуваат позицијата меѓу сопартијците.