Мицкоски: Рекорд во најлош резултат за странски инвестиции

Поразите и измамите на оваа Влада на Зоран Заев и СДСМ стануваат секојдневие. По катастрофалното лошо ниво на капитални инвестиции реализирани во првите 4 месеци поразителни се и бројките за странски директни инвестиции. Имено ова е најлош резултат во изминатите 10 години. Уште еден неславен рекорд, вели во видео обраќањето Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Странските директни инвестиции во првиот квартал од 2019 година изнесуваат скромни 21.6 милиони евра. Приливите по основ на директни инвестиции се ниски и најчесто доаѓаат од фирмите кои веќе работат во Република Македонија. Нови инвестиции воопшто и да нема. Во февруари на пример имало одлив на капиталот од директните странски  инвестиции во износ од 300 илјади евра, а во март одливот на капиталот од директните странски инвестиции е поголем и изнесува  6.8 милиони евра, рече Мицкоски и додаде:

„Дополнително, доколку го споредиме овој квартал со кварталите од изминатите десет години, странските директни инвестиции во првиот квартал од 2019 година се убедливо најниски. Ова е потврда дека нереалното ниво на странски директни инвестиции кои се постигнати на крајот од минатата година се надуван резултат кој е последица на реинвестираната добивка кој вештачки го подигна процентот на  директни странски инвестиции. Нешто за што веќе дебатиравме и на нешто на коешто веќе предупредувавме. Голема лага е дека има успех во странските директни инвестиции. Бројките и фактите се немилосрдни. А тие велат уште еден пораз, неисполнето ветување на Владата на Зоран Заев и СДСМ, и немање на развојна економија. И тоа во време кога регионот бележи огромни успеси на ова поле, додека Македонија е целосно заобиколена“.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту да биде подобро.

-Затоа што времето поминато со оваа влада е неповратно загубено. Граѓаните скапо ја плаќаат неспособноста на власта. Потребни се промени, кои ќе донесат резултати, работа и успеси за подобар стандард за секој човек. На Македонија и е потребна економска обнова за подобар живот на граѓаните.